Приведен е маж од Кавадарци, кој се сомничи дека ги украл коњите од Илинденскиот марш, за ,,Фокус” потврдија од СВР Велес. Станува збор за лице на возраст од 44 години, кај кого бил пронајден еден коњ, а потоа и другите два коњи биле пронајдени на ливада во Кавадарци.
Веста дека од Скопје се украдени коњи, учесници во Илиднескиот марш, а потоа истите биле пронајдени во Кавадарци, вчера исто така ја потврдија од СВР Велес. Коњите биле украдени од седиштето на Илинденскиот марш во Горно Лисиче, а кражбата била пријавена во Полициска станица Аеродром во Скопје.
-На 25.07.2024 во 08.20 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода И.В.(44) од Кавадарци. Кај него бил пронајден и одземен еден коњ, за кој претходно во Полициската станица Аеродром во Скопје било пријавено дека е украден заедно со уште два други коњи, кои биле ангажирани за учество во Илинденскиот марш. На ливада во близина на улица „Клинска“ во Кавадарци биле пронајдени и другите два коњи и биле вратени на сопственикот. По документирање на настанот против И.В. ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија денес од СВР Велес.
Вики Клинчарова