Приватните специјализанти привремено го ставаат штрајкот во мирување, но не се откажуваат од барањата

by Fokus

Со куфери и со хартиени билети за во еден правец приватните специјализанти денеска пред Министерството за здравство оддржаа мирен протест под мотото „5 до 12 за македонското здравство“.

„Имаме статистички податоци дека повеќе од 70% од студентите на Медицинскиот факултет активно учат германски јазик што не е коинциденција. Сигурно станува збор за еден план на емиграција бидејќи гледаат една сива и безнадежна иднина во својата земја“, рече д-р Александра Георгиева, претседателката на Здружението на лекари специјализанти.

Од утре привремено штрајкот го ставаат во мирување и се враќаат на работа.

Рекоа дека секој вторник за време на паузата ќе излегуваат во паркот пред Интерните клиники за да потсетат дека не се откажуваат од нивните барања.

„Во знак на изразување на револт што нашите барања се уште не се прифатени, приватните специјализанти од следната недела, секој вторник за време на својата пауза, во 11 часот ќе се собираат во паркот пред интерните клиники, со цел да покажеме дека сме тука, постоиме и чекаме да се решат нашите проблеми“, вели д-р Христина Илиоска – Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина.

Тие велат дека штрајкот немал никаква политичка позадина како што ги обвинуваат надлежните политичари туку едноставно биле доведени до работ на егзистенција.

„Просечната плата во Македонија во 2018 година изнесуваше 24.000 денари, а на приватен специјализант 26.000 денари, а денеска просечната плата изнесува 40.000 денари, а приватниот специјализант се уште зема плата од 26.000 денари. Како имаше слух да се покачат одредени примања за 78%, а нема слух да се покачат платите на лекарите за помалку од 30%“ – додава претседателката на Здружението на лекари специјализанти.

Поврзани новости