Приватните специјализанти најавија генерален штрајк од 15 април.
Во соопштението испратено во име на приватните специјализанти при универзитетите за медицински науки „Кирил и Методиј” и „Гоце Делчев“ – Штип се вели дека штрајкот ќе трае се до исполнување на нивните барања.
Тие наведуваат дека и покрај одржаниот протест на приватни специјализанти на 27 март и остварената средба со министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, на 2 април, сѐ уште не биле исполнети нивните барања.
„На средбата со министерот за здравство, од негова страна ни беше ветено дека нашите барања ќе бидат изнесени на следната седница на Влада. После остварената средба со министерот, одржани се две седници на Влада и тоа на 3 и 9 април, на кои според јавно достапните информации на Влада, во ни една од нив не е разговарано за нашите барања“, се вели во соопштението.