Приватните специјализанти побараа од Министерството за здравство и од Владата да добијат писмена гаранција дека нивните барања за покачување на месечниот надоместок, плаќање здравствено осигурување и решавање на нивниот статус ќе бидат исполнети. Во спротивно тие најавуваат дека ќе го продолжат штрајкот што започна денеска.
„Добивме повик од претставник на Министерството дека денеска во 14 часот ќе се одржи средба во Владата, меѓутоа немаме информација кој сè ќе присуствува на неа и дали ќе бидат прифатени нашите барања. Поради тоа, нашиот штрајк продолжува сè додека не добиеме писмена официјална изјава или гаранција дека нашите барања ќе бидат исполнети“ – рече денеска д-р Христина Илиоска-Чешлароска.
Таа рече дека воопшто нема да ги извршуваат работните обврски, нема да се појавуваат на дежурства, да држат амбуланти, односно целосен бојкот на работниот процес.
„Самиот штрајк ќе трае додека не ни ги исполнат нашите барања“, додаде таа.
На прашањето дали е реално сега да се направи што било поради тоа што е предизборие и дали би се согласиле на тоа сите барања да им бидат исполнети по изборите, Илиоска-Чешлароска рече дека штрајкот ќе го прекинат ако добијат писмена гаранција.
„Со оглед на тоа што ние не сме на колективен договор туку сме со договор на дело мислам дека има простор и може тоа да се реши. Исто така, може да се повикаат и на Антикорупциската комисија, па таа да излезе со став дали смее или не смее во овој момент. Ако од правна гледна точка не е изводливо, доколку ни дадат писмена гаранција и помине тоа на Влада за ние да знаеме дека по 8 мај ќе ни бидат остварени овие барања, тогаш ќе го прекинеме штрајкот. Но, доколку тоа не го добиеме, ние продолжуваме затоа што остваривме средби и добивме само празни ветувања“, рече Илиоска-Чешлароска.