Приватни автобуси денеска од 06:00 часот ќе ја блокираат десната лента на улицата Илинденска, од почетокот на Влада до раскрсницата кај Мида, и собранието на Град Скопје.
Превозниците велат дека бројката на автобуси ќе биде многу поголема од понеделникот, кога беше блокирана крстосницата кај Мавровка. Овој протест беше еднодневен и заврши поради тридневната посета на германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер.
Од таму велат дека блокадата може да продолжи и во текот на викендот доколку не се слушнат нивните барања, а доколку не се постигне договор, од понеделник ќе има целосна сообраќајна блокада на крстосницата кај „Мавровка“, „Црвен Крст“ и улицата „Илинденска“.
Ваква одлука донесе координативното тело на приватните превозници, откако во меѓувреме скопската градоначалничка Данела Арсовска не покажа интерес договорот да биде продолжен.
Возачите бараат ЈСП да им го исплати долгот кој според нив е над 2 милиони евра.