Постигнат е договор со ЈСП „Скопје“ и дел од колегите веќе возат по линиите во главниот град, изјави попладнево Оливер Петрушевски, приватен превозник од пакетот автобуси кои денеска возеа редуцирано.
По средбата што попладнево ја имаа во дирекцијата на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда, приватниците соопштија дека со претпријатието договориле исплата на 80 отсто од долгот кон нив, односно, како што кажаа, префрлени им се средства во износ од 40 милиони денари.
„Автобусите од двата пакета, пакет 1 и пакет 3, кои сабајлево свртеа само една тура, сега се активираат од гаражите за да почнат да возат и да почнеме да ги опслужуваме граѓаните на Град Скопје. Сите линии од пакет 1 и пакет 3 се враќаат во нормала како што беа и претходно“, изјави приватниот превозник Петрушевски.
Додаде дека во моментов се во тек и преговори за цената по изминат километар, што покрај долгот од ЈСП „Скопје“, беше причината за денешното редуцирано сообраќање на приватниците.