Приватните превозници ноќта ќе ја поминат на улица, Арсовска ги игнорира

by Fokus

Ако не се реши проблемот и не бидат повикани на разговор во Град Скопје, приватните превозници ќе преноќат на улица, потврди за „Фокус“, првиот човек на „Слобода Превоз“, Ленин Јовановски.

„Нема да мрднеме одовде се додека не се реши оваа ситуација. Не може некој нас да не обвинува, да ни раскинува договори, а ни должат 1,3 милиони евра за четири месеци“, тврди Јовановски.

Како што веќе објавивме, Скопје денеска осамна во тотален хаос, само еден километар се поминуваше за час и половина. На сите четири главни крстосници чекаа возила со часови, а ваквата атмосфера се очекува да продолжи и во наредните денови, поточно се додека не им бидат исплатени парите на приватните превозници, кои им ги должи Јавното сообраќајно претпријатие.

Тој најави дека е можно и одредено проширување на протестите. Очекува и останатите институции да се вклучат во наоѓање решение за овој проблем.

– Не може граѓаните да не критикуваат нас, треба да го критикуваат изворот на овој проблем, а тоа е кај градоначалничката која дозволи ова да се случи. Не смеат граѓаните да дозволат да имаат ваков градоначалник кој не се грижи за нивниот интерес, рече Јовановски.

Соопшти дека и до „Слобода превоз” денеска е стигнато известување за раскинување на договорот со Град Скопје.

Во моментот од Град Скопје нема никаква реакција, актуелната градоначалничка Данела Арсовска засега ги игнорира приватните превозници.

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости