Приватните автобуси се враќаат на улиците од утре

by irena 19:24
19:24

Приватните автобуски превозници во Скопје од утре повторно ќе сообраќаат по редовен возен ред, откако Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) попладнево им префрли по 6 милиони денари на трите компании, потврди сопственикот на „Јофи Бус“, Јовица Зафировски.

– Денеска во 16 часот добивме информација дека ни се уплатени по 6 милиони денари по пакет и после координација со превозниците решивме утре да се вратиме на терен и да возиме по зададениот возен ред. Сумата не е голема, но овозможува да продолжиме со работа наредните две недели. Се надеваме дека во тој период ќе има нова уплата од ЈСП за да не дојде до прекин – изјави Зафировски.

Тој објасни дека автобусите секојдневно имаат потреба од гориво и редовно сервисирање, што создава значителни трошоци, па затоа е неопходно навремено финансирање за да не трпат граѓаните.

– Ние сакаме да возиме, но мора редовно да се исплаќаат обврските. Граѓаните не треба да чекаат по автобуските станици поради доцнење на плаќањата – додаде Зафировски.

Приватните превозници „Јофи Бус“, „Вестор Транс“ и „Радос Компани“ во петокот побараа ЈСП да го исплати целиот долг од 170 милиони денари, од кои, како што наведоа, околу 90 милиони биле доспеани. Денеска тие возеа редуцирано од 5 до 10 часот, а од утре повторно ќе сообраќаат редовно.

Слични вести