Притворен купувачот на „Аудито“ поврзано со двојното убиство во „Шиша бар“?

by fokus

Скопјанец кој е под сомнение дека сторил кривично дело Убиство е во краткотраен, четириесет и осумчасовен притвор, потврдуваат и од Кривичниот суд и од Јавното обвинителство. Ниту една институција не потврдува дека уапсениот е поврзан со двојното убиство што се случи во скопската чаршија во „Шиша бар“.

„Фокус“ неофицијално дознава дека во притвор е купувачот на „Аудито“ кое беше најдено запалено по двојното убиство. Автомобилот неофицијално бил со потекло од Словенија, но бил увезен во Косово, Урошевац. Сторителите на убиството наводно го купиле од автоплац во Урошевац каде било оставено.

-Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје на 31.05.2023 година, постапувајќи по предлог на ОЈО – Скопје, го прифати предлогот и на едно лице му определи мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело Убиство од чл. 123 од КЗ.

Со оглед да се работи за истражна постапка за сите останати детали надлежно е јавното обвинителство, соопштија од Кривичниот суд.

На 6 март во старата скопска чаршија во „Шиша бар“ беше извршено двојно убиство.

Двојното убиство во локалот „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија се случи во понеделникот на 6 март. Четворица мажи облечени во црна облека и маскирани со фантомки влегоа во барот, се претставиле како полицајци, се качиле на вториот кат од кафулето и влегле во „мониторинг“ салата. Викнале „рација“ и почнале да пукаат. Испукале 40 до 50 куршуми во главите и телата на три лица.

Најголем дел од куршумите завршиле во еден од главните водачи на криминалната група „Дуќанџик“, Јетон Кривањева-Жила и во Енес Исеинов-Љаци од истата група, а мал дел во нозете на трето лице што седело со нив.

По убиството беше најдено запалено „Ауди“, а покрај него беа оставени само лажни регистерски таблици.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости