Основното јавно обвинителство од Гостивар донесе наредба за спроведување на истражна постапка против лице на возраст од 18 години, поради основано сомнение дека го сторил кривичното дело родосквернавење, вршејќи обљуба врз малолетно дете со кое бил во крвно сродство.
Како што се наведува во соопштението од обвинителството, осомничениот на 15 јули 2021 година околу 14:30 часот ја пресретнал оштетената на пат и послужувајќи се со лага ја насочил да се движи кон блиската продавница, така што во близина на стадион започнал да ја влече за рака и насилно ја внел во тоалетите на објектот, каде преземал дејствија со кои го извршил кривичното дело.
„Поради тежината на стореното кривично дело за кое е запретена казна затвор од најмалку 10 години, како и околности кои укажуваат на опасност од бегство, страв дека осомничениот ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоци, како и особени околности што го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, обвинителството до надлежниот суд достави Предлог за определување на мерка притвор за осомниченото лице“, стои во соопштението.
Овој предлог на Обвинителството е прифатен и Основниот суд Гостивар со Решение на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.