Раде Трајковски – Штекли, познат на јавноста по тоа што имаше три обиди за неговата ликвидација, како и уште девет лица добија притвор од 30 дена, соопшти Основниот кривичен суд во Скопје.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на јавен обвинител за гонење организиран криминал и корупција го прифати предлогот за притвор во траење од 30 дена, поради опасност од бегство, влијание на сведоци и повторување на делото.
Прифатен е и предлогот за определување на мерка притвор против две лица кои се недостапни за органите на прогон, а мерката почнува да се спроведува од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода“ се вели во соопштението.
Полицијата организираше обемна акција во Скопје и Гевгелија и изврши претреси на повеќе од 20 локации.
Пронајде дрога, оружје, девет илјади евра, десетина мобилни телефони и возила.
Според информациите Штекли наводно се подготвувал да избега, кога полицијата го уапсила во близина на хотел во Гевгелија.