Судија на претходна постапка му определи триесетдневен притвор на приепчанецот кој пред два дена на спиење ја избоде со нож поранешната сопруга.
Според официјалните податоци на истражните органи, четириесет и седумгодишниот прилепчанец пред два дена наутро отишол во куќата каде живеела неговата поранешна сопруга на улицата „Дабничка“ во Прилеп.
Се качил во собата кадешто спиела и прво почнал да ја дави со рацете околу вратот и да ја удира со тупаници по главата и по телото.
Во тој момент пристигнала нејзината мајка која се обидела да го оттргне, но осомничениот ја турнал.
Од појасот извадил нож и на поранешната сопруга и нанел неколку убодни рани во телото и ногата. Го совладале тројца соседи кои го изнеле од куќата и го спречиле да ја оствари намерата.
Јавниот обвинител побарал, а судијата го прифати барањето за притвор поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и врз оштетените.