Основниот суд во Охрид го прифати предлогот на обвинителството и им одреди притвор на бизнисменот и советник во општина Охрид од редовите на ДУИ, Нефи Усеини и на неговиот брат за тепачката во Охрид, потврдуваат за Фокус извори во истрагата.
На двајцата им е одреден осумдневен притвор, но и двајцата се недостапни на полицијата и се трага по нив.
Завчера полицијата извршила престрес во нивните домовите и се преземаат мерки за нивно пронаоѓање.
СВР Охрид до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Усеини и неговиот брат поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „насилство“ и „неовластено држење на оружје или распрскувачки материјали“ за инцидентот што се случи во хотел во центaрот на градот, каде беше нападнат охриѓанецот Спирко Топалоски.
Тој во изјава за медиумите рече дека физичката пресметка со Усеини се случила пред очите на неговиот малолетен син и дека во инцидентот бил изваден и пиштол. Тој тврди дека се се случило поради недоразбирање помеѓу него и бизнисменот Зоре Темелкоски, инаку соседи во населбата Рача, околу водоводната мрежа.
Нефи Усеини, исто така во изјава за медиумите, демантира дека употребил пиштол во тепачката со кој според пријавата го удирал оштетениот.Тој тврди дека во критичниот момент воопшто не носел пиштол и оти на Топалоски му удрил неколку тупаници затоа што го навредувал.
Бизнисменот Зоре Темелкоски, пак, претходно јавно се огради од инцидентот тврдејќи дека тој лично нема никаква поврзаност со немилиот настан.