Основното јавно обвинителство – Прилеп побара притвор до 30 дена за малолетникот од село Сенокос, општина Долнени кој е осомничен за убиството на 14-годишното момче синоќа во центарот на Прилеп. Вториот приведен од полицијата, 21-годишникот со иницијали В.Т. е задржан на испитување во својство на сведок.
„До судијата за деца при Основниот суд во Прилеп е поднесен предлог за определување на мерката притвор до 30 дена за 15-годишниот малолетник од селото Сенокос поради постоење основано сомнение дека извршил дејствие кое со закон е предвидено како кривично дело убиство по член 123, став 2, точка 7 од КЗ. Ова е потешко кривично дело зашто станува збор за убиство на малолетник. На испитување како сведок е задржан 21-годишникот со иницијали В.Т.“ изјавил основниот јавен обвинител од Прилеп – Стевчо Биноски.
Според информациите, на влезот од познатата прилепска колективна зграда „деветтокатница“ момчето физички било нападнато и избодено до смрт со остар предмет.
Во еден момент жртвата побегнала, се упатила по тротоарот на булеварот „Гоце Делчев“, но по неполни 100 метри икрвавена паднала на земја.
Екипата на итната медицинска помош констатирала многу крвави рани на телото и немало видливи знаци на живот. Момчето било пренесено во Градската болница на одделот за анестезија и реанимација, но сите обиди да му помогнат биле безуспешни.
При претресот рано изутрината во домот на малолетникот во селото Сенокос биле пронајдени и одземени предмети со кои било извршено кривичното дело.
Со малолетникот бил извршен службен разговор, тој го признал делото, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител против него е поднесена кривична пријава по член 123 од Кривичниот законик.
Информациите се дека меѓу двајцата малолетници подолго време имало нетрпеливост.