Притвор за кавадарчанец кој повикувал градоначалникот Јанчев „да плати со крв и месо“

by fokus

Обвинилството од Кавадарци информира дека отвориле истрага против 40-годишен кавадарчанец, кој подолг период му се заканувал на градоначалникот Митко Јанчев и на неговото семејство.

-Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против лицето кое во изминатите неколку месеци ја загрози сигурноста на градоначалникот на Кавадарци и неговото семејство. Постапката е поведена поради основано сомнение дека осомничениот, 40-годишен кавадарец, ги сторил кривичните дела „загрозување на сигурноста“ од член 144 став 4 и „насилство“ од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Во текот на неколку месеци, започнувајќи од август до 29 декември 2019 година, осомничениот во повеќе наврати психички го малтретирал и навредувал градоначалникот на Кавадарци и неговото семејство, со што кај нив предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Психичкото насилство започнало со закани и објавување статии со клевети и навреди по социјалните мрежи.

Осомничениот повикувал и други лица, користејќи се со повици во кои се содржат зборови од насилна природа. Тој континуирано го следел оштетениот и неговото семејство, ја фотографирал куќата во која тие живеат и преку нивни роднини им упатувал сериозни закани.

Ваквото однесување на осомничениот било пријавувано во полициската станица во Кавадарци, од каде неколкупати бил опоменуван, но и покрај тоа продолжил да врши психичко насилство и да ја загрузова сигурноста на оштетениот. Насилството кулминирало вечерта на 28 декември, откако осомничениот поради фотографирање на домот на градоначалникот бил повикан во полициска станица, а во негово име на оштетениот телефонски му се јавило друго лице, упатувајќи му сериозни закани.

Заканите продолжиле и од страна на осомничениот, упатени преку социјални мрежи, во кои тој повикува градоначалникот „да плати со крв и месо“. Ваквите закани го исполнуваат битието од кривичното дело „загрозување на сигурноста“, бидејќи со заканата упатена преку информатички систем осомничениот се заканува дека ќе стори кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку пет години. Со психичко малтретирање на градоначалникот и на членовите на неговото семејство, кај кои предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв, осомничениот ги исполнил елементите на кривичното дело „насилство“.

Јавниот обвинител кој постапува во предметот, оцени дека се исполнети законските основи, како и дека постои можност осомничениот да го повтори делото или да го изврши делото со кое се заканува, па во насока на непречено водење на кривичната постапка до Основниот суд Кавадарци поднесе Предлог за определување на мерката притвор. Судот го прифати предлогот на Обвинителството и на осомничениот му е определен притвор во траење од осум дена, се наведува во соопштението на Обвинителството.

 

Поврзани новости