Битолчанец заврши во притвор откако и се заканувал на поранешната сопруга дека ќе ја убие доколку не се врати да живее со него.
-Осомничениот ја загрозил сигурноста на неговата поранешна сопруга, непочитувајќи го решението на Основен суд Битола со кое му била изречена забрана да се заканува дека ќе стори семејно насилство и да контактира со оштетената. На 7 септември, во вечерните часови, додека оштетената се движела со своите малолетни деца, се приближил до неа и ѝ се заканил дека ќе ја убие доколку одбие повторно да живеат заедно. Потоа ја попречувал да замине од местото каде ја пресретнал, ја турнал и од раката ѝ го оттргнал мобилниот телефон, со што кај оштетената предизвикал чувство на страв и вознемиреност.
Бидејќи во конкретниот случај постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и фактот што осомничениот се јавува како сторител на исти и истородни кривични дела на семејно насилство каде жртва е неговата поранешна сопруга што го оправдува стравот дека доколку остане на слобода тој ќе го повтори делото, јавниот обвинител до судот достави предлог за определување притвор за осомничениот, информираат од Обвинителството.
Предлогот на обвинителството бил прифатен, па судијата на претходна постапка при Основниот суд Битола со решение на осомничениот му определил притвор во траење од осум дена.