535
Јохан Тарчуловски е еден од шестмината пратеници осомничени за тероризам и загрозување на уставниот поредок и безбедност, за кој Обвинителството бара притвор, а судот треба да одлучи, откако во Собранието ќе заврши процедурата за одземањето на нивниот имунитет.
Поради ваквата правна ситуација, најверојатно нема да има ништо од најавата на Задграничниот Комитет на ВМРО ДПМНЕ Алба, Италија, дека Јохан ќе им биде специјален гостин на Комитската вечер, која ќе се одржи во сабота, на втори декември во ресторанот Lancia Bianka , регион Сан Вито, Каламандрана, Италија.
Веќе десеттина дена организаторите на Комитската вечер го најавуваа Тарчуловски како специјален гостин, кој ја прифатил нивната покана и решил заедно со нив да ја прослави Комитската вечер во дијаспората.
Покрај специјалниот гостин, за забавата на гостите бил договорен настап на бендот Сперанца, кој ќе свири македонски песни и ора, и богато мени, а влезниците се продавале по цена од 25 евра.
Нема информација дали и кој ќе се појави како специјален гостин наместо Тарчуловски, доколку тој заврши во притвор, на Комитската вечер во Италија.
Вики Клинчарова