На управителот на фирмата “Бауер БГ” му е одреден 30 дневен притвор, а на поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи, Васе Донев, куќен притвор, откако денеска беа осомничени во истрагата за еден дел од случајот”Скопје 2014″, предмет на СЈО.
-Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје попладнево делумно го прифати предлогот на обвинителството и на првоосомничениот со Решение му определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека на второосомничениот му определи мерка куќен притвор. Предметниот обвинител за останатите двајца осомничени до Судијата на претходна постапка достави предлог на мерки за обезбедување присуство за кои судот ќе одлучува во редовна постапка, информираат од Обвинителството.
Од таму додаваат и дека е прифатен предлогот за замрзнување на имот.
-Воедно, судијата го усвои Барањето за донесување на привремена мерка забрана на отуѓување и располагање со недвижен имот и го прифати Предлогот за издавање на решение за привремено запирање на извршување на финансиски трансакции со предлог за привремено одземање на имот, велат од Обвинителството.
Компанија “Бауер БГ” беше ангажирана за изведбата на фасадата, која чинеше 17,7 милиони евра, а за која неделникот „Фокус“ веќе пишуваше дека има сомнежи дека била прескапо платена, но била и лесно запалвлива.
Според обвинителството, првообвинетиот управител на фирмата ја изиграл постапката за јавна набавка.
-Иако бил должен, согласно Законот за јавни набавки, тој не ги навел и не доставил податоци за останатите подизведувачи што подоцна ги ангажирал. Со опишаните дејствија првоосомничениот за друштвото со кое управувал остварил имотна корист од поголеми размери во износ од 484.654.000 денари (или речиси 7,9 милиони евра), наведуваат од Обвинителството.
Исто така, според обвинителството, анганижираниот подизведувач при изградбата не го ставил материјалот кој бил предвиден со основниот проект.
-Подизведувачот што го ангажирал за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за изведба на декоративни и фасадни елемети и изведба на каменорезачки работи за објектот на Владата не ги испочитувал одредбите од подизведувачкиот договор и извршил монтажа на декоративни фасадни елементи изработени од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект, велат од Обвинителството.
Исто така управителот на „Бауер БГ“ е осомничен дека од 2014 до 2015 година прибавил 144.000 евра за политичка партија, односно како што неофицијално дознаваме за ВМРО-ДПМНЕ.
-Тој, по предходен договор со раководните лица на партијата, со цел партијата да купи недвижни имоти по цена пониска од пазарната, а притоа да ги избегне ограничувањата предвидени во одредбите од Законот за финансирање на политичките партии, во три наврати во име и за сметка на друштвото со кое управува купил недвижни имоти во Гази Баба, Центар Жупа и Крушево, а потоа истите ги продал по пониски цени од нивната пазарна вредност на политичката партија, велат од Обвинителството.
Овој предмет беше отворен од СЈО, а го застапува обвинителката Елизабета Јосифовска.