Притвор доби татко кој со нож го избодел синот, убиство спречил сведок

Во иднина оштетениот да разбере дека треба да го почитува својот родител

by Fokus

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 46-годишен осомничен за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик. Како што се наведува во соопштението, лицето со умисла се обидело да го лиши од живот сопствениот син. Надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за притвор, поради можност осомничениот да го повтори делото.

Како што се посочува во соопштението од Обвинителството, на 14 јануари, во работна просторија – кујна на ресторан во Скопје, на улицата „Кирил Пејчиновиќ“, осомничениот извршил семејно насилство и со умисла се обидел да го лиши од живот сопствениот син. По кратка вербална расправија, за која причина биле претходно нарушени меѓусебни односи, осомничениот зел кујнски нож и му нанел три убодни рани на оштетениот во пределот на стомакот, десната подлактица и грбот, нанесувајќи му тешки телесни повреди.

Во намерата да го изврши убиството го спречил сведок, кој му помогнал на оштетениот и го пренел во болница.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи, како што се наведува во соопштението, постојат особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, односно дека ќе го доврши кривичното дело.

Во соопштението се посочува дека, осомничениот и во дадениот исказ пред јавниот обвинител признал дека во критичниот момент одлучил „да го реши оштетениот“, односно да го лиши од живот, и дека се надева во иднина оштетениот да разбере дека треба да го почитува својот родител или повторно може да се случи истото.​

Поврзани новости