Темата „прислушување“ се врати на собраниската говорница, откако ВМРО ДПМНЕ преку пратеникот Игор Јанушев денеска постави пратеничко прашање дали МВР дало дозвола или извршило контрола за скандалозна набавка на опрема со која може да се следи целиот интернет сообраќај во државата?
Јанушев рече дека има информации дека станува збор за незаконска набавка со која се овозможува да се следи целокупниот мобилен сообраќај на сите што имаат интернет, и дека, според него, тоа е систем кој е набавен пред една година и веќе се користи.
Министерот Оливер Спасовски, пак, изјави дека доколку Јанушев зборува за набавка на систем што во надлежност на Агенцијата ОТА тоа е набавка за која има документација испратена до надлежните комисии и дека станува збор за класифицирана информација.
– За сите прашања кои сте ги поставиле до МВР испратен е писмен одговор и за едното и за второто. Сето друго е класифициран податок. Тоа не е моја набавка, за да се прават вакви набавки има надлежни институции, тоа не е набавка на МВР. Единствено нешто што е целосна шпекулација и лага е тоа дека некој може да ги следи сите, следењето за сите беше до 2017 година кога следевте 20 и кусур илјади луѓе, кога милион и кусур разговори завршија во јавност – рече Спасовски.