Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, ги повика Србија и претставниците на Србите во Косово да ги почитуваат своите обврски од дијалогот и да се вратат во институциите во Приштина, а властите во Приштина да го продолжат процесот на пререгистрација на возилата, прекинување на сите казнени дејствија против сопствениците на регистарски таблички КМ и веднаш да апочнат со преземање чекори кон формирање на Заедницата на српските општини.
Борел оценува дека повлекувањето на Србите од приштинските институции на Косово не е решение за актуелните спорови и има потенцијал за дополнително ескалирање на тензиите на теренот.
„Неодамнешните настани во односите меѓу Косово и Србија ги загрозуваат годините напорна работа и достигнувања постигнати во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина, со посредство на ЕУ, и ја комплицираат безбедносната ситуација во регионот и пошироко“, рече Борел во писмена изјава објавена на веб-страницата на Европската унија.
Тој упати и апел до двете страни да покажат подготвеност да бараат решенија на конструктивен начин и да ги почитуваат своите обврски преземени во дијалогот.
„Секое дејствие, како палење автомобили или застрашувачка реторика што може да доведе до тензии, се неприфатливи и ќе предизвикаат соодветна реакција од меѓународната заедница“, рече Борел.
Во општините на северот на Косово ноќта помина мирно по последните одлуки на Приштина и повлекувањето на Србите од сите косовски институции. Во северниот дел на Косовска Митровица денеска напладне ќе се одржи митинг кај Споменикот на кнез Лазар. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва во 21:00 часот ќе и се обрати на јавноста во врска со последните настани и потези на Приштина.