Приоритетите на претседавање со ОБСЕ, надминување на последиците од руската агресија врз Украина

by Fokus

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната средба со сојузниот министер за европски и меѓународни прашања Александар Шаленберг во Виена разговарал за актуелните случувања во ОБСЕ регионот, за одржаниот Министерски совет на ОБСЕ во Полска, како и приоритетите на претседавањето со Организацијата од страна на Северна Македонија.

-Централна тема беа предизвиците на руската агресија врз Украина, но и нестабилноста во целиот ОБСЕ регион, другите конфликти и идната улога на Организацијата, информираат од МНР.

Двајцата министри се осврнале и на актуелните предизвици околу миграциите со кои е соочен европскиот континент, при што била потенцирана улогата на Северна Македонија која, како што нагласуваат од МНР, успешно се справува со мигрантските текови кои се дел од т.н. Балканска рута на движење.

-Потпишувањето на Договорот помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за оперативни активности спроведени од Агенцијата на ЕУ Фронтекс, со кој се воспоставуваат одржливи и трајни решенија во справување со илегалната миграција и прекуграничниот криминал претставува суштинска додадена вредност во справувањето со мигрантската криза. Како и порано, ние остануваме партнери и на Европската Унија, но и посебно на земјите од нашето пошироко регионална опкружување со цел справување со каква било можна ескалација на овие состојби, истакнал Османи.

Министерот Османи се заблагодарил за учеството на австриските полициски службеници во рамки на заедничката меѓународна операција за заштита на нашата јужна граница, поддржана од Европската Комисија, како значителен придонес во зајакнување на капацитетите на нашата гранична полиција во борбата против илегалната миграција и криумчарењето мигранти.

Соговорниците се осврнале и на продлабочувањето на економската соработка меѓу двете држави, политичко-економските последици, предизвикани од руската воена агресија врз Украина и други актуелни меѓународни прашања.

Поврзани новости