Принцот Џорџ и принцезата Шарлот, двете најстари деца на британскиот принц и принцезата од Велс од Кралската ложа го следеа финалето на Вимблдон за мажи, кое се одржа вчера, јави Си-Ен-Ен.
Братот и сестрата, кои се втори и трети по редот за тронот, им се придружија на своите родители додека му аплаудираа на 20-годишниот Карлос Алкараз, кој го победи светскиот рекет број 2 Новак Ѓоковиќ и ја освои својата прва титула на Вимблдон.
Семејството пристигна околу пладне по локално време, а биле пречекани од персоналот на Вимблдон, полициското куче Стела и британскиот шампион во двојки во инвалидска количка Гордон Рид, објави британската нова агенција PA Media.
Шарлот, која има осум години, носеше цветен син фустан за своето прво појавување на престижниот тениски турнир, додека 10-годишниот Џорџ носеше темносин костум и вратоврска на пруги. Тие седеа до нивните родители, принцот Вилијам и Кетрин, принцезата од Велс.
Младиот Шпанец триумфираше над Ѓоковиќ (36) во возбудливо финале во пет сета. Алкараз стана третиот најмлад шампион на Вимблдон во Опен ерата.
Принцот и принцезата од Велс му честитаа на Алкараз за неговата победа.
Во текот на викендот во публиката на Вимблдон беа Бред Пит, Даниел Крег, Рејчел Вајс, Аријана Гранде и Том Хидлстон.