Целосна поддршка за Алабаковски, кој, како што се шегуваа на социјалните мрежи, се врати да ни покаже како се брани своето. И не, не сакаме никој да се запали, но и не дозволуваме некој да брца прст во око на цел еден народ, да го понижува и да очекува аплауз, уште е време комитско!
Јанаки МИТРОВСКИ
Не е можно темата број еден неделава да не биде и тема на колумнава. Штотуку излегов од суд кога прочитав на нет – Ламбе Алабаковски е уапсен за подметнатиот пожар во наци-центарот „Ванчо Михајлов“ во Битола. Како и сите помислив дека се работи за кромид вест, за една по една да излегуваат потврдувачки вести по сите медиуми. Веста одекна како бомба – мирниот и скромен Алабаковски со гемиџиски потег.
Речиси целата македонска јавност му даде поддршка на Ламбе за потегот. Или попрецизно за искажаниот револт, бидејќи никој не смее и не треба да оправдува палење зграда, исто како што никој не треба да дозволи отворање на наводно културен центар со такво име. Од друга страна, мојата пријателка Жана, која не првпат ја цитирам во моите колумни, и арно кажа – наци-клупчиња и треба да горат!
МОТИВ ЗА ЗАСТАПУВАЊЕ
Веднаш се пријавив да го застапувам Алабаковски, кој, за разлика од сите нас што лаеме по социјалните мрежи, презема нешто конкретно, иако несоодветно, да го затвори тој клуб. И не се пријавив само јас, туку тоа го сторија стотина адвокати. Мотивот при застапување во овој предмет за никој од нас не е и не смее да биде финансиски надомест, туку лично задоволство.
Какво е тоа задоволство, ме праша Секуловска во емисија. Па, задоволство да му се помогне на човек што повеќе не можел да трпи некој да му моча на глава и уште да очекува да му се каже благодарам!!! Толку е едноставно. По некој бот замери дека адвокати бркаат публицитет. Барем за мене можам да кажам дека публицитет, и тоа е ноторно, не ми недостасува. До тој степен сме изгорени како луѓе, што се сомневаме во сè.
Спасовски како прв човек на МВР излезе со скандалозни изјави. Ќе барал притвор, иако тоа не се негови надлежности, па сметал дека се исполнети условите за притвор, иако тоа повторно не се негови надлежности, сè со цел да ѝ се умилкува на Бугарија. И види чудо, Спасовски барал и Спасовски добил притвор, или барем така ќе го толкува секој здраворазумен човек. Никако поинаку не може да се разбере експресноста на МВР и овие изјави што ОЈО ги предложи и ги доби.
ТРЕБА ДА ОДГОВАРА ПРЕКРШОЧНО
Вториот пасош од САД на Алабаковски може да се одземе, а и човекот е препознатлив и не може туку-така да се крие. Моите сознанија говорат дека сам ја известил полицијата дека има втор пасош. Замислете сакате да бегате и ѝ кажувате на полицијата дека имате средство за такво нешто. Тотален нон сенс.
Повеќепати кажав дека поради отсуството на луѓе и мала штета, Ламбе треба да одговара само прекршочно, но од друга страна и не сум наивен и очекувам дополнителен притисок. Бугарија ќе продолжи да ја притиска владата, а владата независното судство. Ламбе има бранител, кој треба да го постави концептот на одбрана, но јас не би признал дело во конкретниот случај.
Целосна поддршка за Алабаковски, кој, како што се шегуваа на социјалните мрежи, се врати да ни покаже како се брани своето. И не, не сакаме никој да се запали, но и не дозволуваме некој да брца прст во око на цел еден народ, да го понижува и да очекува аплауз, уште е време комитско!