Поп пејачот Александар Ристовски – Принц по подолга пауза се враќа на сцената со песната ,,Шарена банана’’.
Од неговиот тим информираат дека се работи за ново музичко остварување на Принц во соработка со младата пејачка Кали. Тие додаваат дека музичарот ја добил инспирацијата за песната во продавница, додека ги гледал шарените банани тргнати на страна, кои ги сметал за највкусни за јадење, но децата обично не ги сакале. Така му дошла идејата да ја персонифицира обесправената банана, и ја поврзал приказната со девојка.
За новата песна тој снимил и спот, на кој бил потпишан како режисер, а во видеото покрај него и Кали, се појавуваат и Александар Ванчовски – Џигер на тапани, Јане Тодоровски на бас и Петар Лукиќ на клавијатура. Со премиерата на синглот го најавува новиот албум кој наскоро ќе биде достапен за превземање од платформите како „Apple iTunes“, „Google Play“ и „Spotify“.
Инаку, Принц периодов е актуелен во јавноста поради субвенциите за поттик на домашната музика. Тој за три нумери беше предвидено да добие 9.000 евра државни пари, рангиран како врвен изведувач, но Министерството за култура ги поништи одлуките и најави укинување на законот за субвенции на домашната музика, за кој годишно се одвојуваа над 500 илјади евра.
По поништувањето на одлуките за распределба на субвенциите пред неколку недели, Принц најави дека подготвува тужба со која ќе бара доследно почитување на Законот. Немаме информација дали и со песната посветена на бананите планирал да конкурира за субвенции од неколку илјади евра.
Вики Клинчарова