Што им велите на вашите странски соговорници, го прашува новинарот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Се обидувам да им ја пренесам мојата емоција, вели тој. Мојот совет би бил повеќе да рзмислува.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
И колку да ни се чини чудно нам тука во Македонија, земја во која сите се разбираат во надворешна политика и во фудбал, постои наука за меѓународната политика. Врз нејзината важност се замислив кога, во раната фаза од мојата академска кариера прочитав дека, ако некогаш биде уништено човештвото, тоа нема да биде резултат на епидемија или на глад, туку на надворешна политика.
Дете на Студената војна, кое растеше во еден општ страв од нуклеарна катастрофа, не ми беше тешко да ја разберам пораката. Но, ако погрешна надворешна политика може да ја уништи планетата Земја, зарем тоа не може да и се случи на една мала држава како нашата? Мислам дека одговорот е јасен: може.
Отсуството на образование кај македонските политичари, новинари и интелигенцијата, од областа наречена наука за меѓународни односи ги онеспособува да размислуваат исправно. Отсуството на резултати од „работата“ на единствените два центри за стратешки студии, едниот во МАНУ и другиот во МНР, ја лишува јавноста од толку потребната просветителска улога.
Зашто, ова не се времиња кога за војна и мир одлучувала аристократијата. Во услови на демократија, политички систем во кој и народот одлучува за правецот на надворешната политика, од пресудно значење е под чие влијание се формираат ставовите на гласачите. Сите гледаме телевизија и читаме текстови на бројните домашни сајтови на интернет, па точно знаеме со што секодневно се „храни“ народот.
Најопшто речено, ставовите кај граѓаните за надворешната политика се формираат под влијание на еден примитивен македонски национализам. Национализам, затоа што смета дека секоја нација треба да се управува себеси ослободена од секакво надворешно влијание; примитивен затоа што нема знаење за анархичната структура на меѓународното општество на држави и за позицијата на големите сили, регионалите сили и малите држави.
Овој спој на национализам и на примитивизам доведува до погрешни заклучоци и може да прозиведе катастрофа на државата чија надворешна политика е производ на желбите на нацијата. Од неразбирње на овие „закони на политичката физика“се раѓаат само разочарувања и гнев за сторените неправди кон нас.
Така, на меѓународната сцена, сите сакавме да го сочуваме нашето уставно име, мнозинството сакаше Македонија и натаму да остане пиемонтот од АСНОМ кој ќе ги обедини трите делови на поделената татковина, ама не успеавме во тоа и бевме принудени на компромиси без кои нема држава.
На домашната политичка сцена сакавме нашата држава да биде држава на македонскиот народ и на малцинствата, ама втората по големина национална заедница бараше рамноправност без која, покажаа и со оружје во рака, нема заедничка држава.
Примитивниот национализам прилагодувањето кон овие реалности на политиката со цел да се обезбеди мир и просперитет за граѓаните ги толкува како што би ги толкувал секој оној без образование: со погазено достоинство на нацијата. Ни ужасната грешка на украинската надворешна политика заради која денес минуваат низ пеколот и можат да ја изгубат државата, не е доволна поука за примитивните националисти во Македонија.
И еве не сега пред ново искушение: гласање во парламентот од кое зависи нашето членство во ЕУ. Водачот на опозицијата, Христијан Мицкоски, потенцијалниот премиер,човекот кој, колку утре, може да одлучува за војна и за мир, во своето вчерашно интервју потврдува уште еднаш дека мисли исто со мнозинството на Македонците за надвпрешната политика, нешто со што сите од партијата се гордеат.
Но, како што објаснив погоре, тоа мислење не е производ на знаење туку на примитивниот национализам кој, сосема сигурно, ќе ја заглави државата во сериозни невољи, домашни и меѓународни. Дома, во меѓуетничка конфронтација со Албанците чиј претставник во владата, министерот за надворешни работи, веќе е обвинет за велепредавство.
Надвор со западните сојузници кои не биле демократи па ни поставувале ултиматуми и чија стратегија немало да помине. Неговите ставови се засрашувачки. Нема од што да стравуваат граѓаните, повторуваше тој во вчерашното интервју, во ритамот на забревтан воз без кочници. Мислам дека има многу од што да стравуваат. И дома и надвор.
Што им велите на вашите странски соговорници, го прашува новинарот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Се обидувам да им ја пренесам мојата емоција, вели тој. Мојот совет би бил повеќе да рзмислува.