Неопходно е постоењето на полициската единица за прв одговор и интервенција „Алфа“, воведени се повисоки критериуми за прием во единицата како дел од реформските процеси за допрофесионализација на единицата, вели во интервју за МИА првиот човек на „алфите“, Примислав Димовски.
Специфичност на единицата е „за сè и сешто, но тоа не ја намалува оперативната способност“, посочува Димовски.
Тој говори и за надлежностите, овластувањата, за можноста за политичка злоупотреба, но и за претставки поднесени од страна на граѓани за интервенциите од страна на припадниците на единицата. Смета дека не се проблем никакви преголеми овластувања, проблемот е професионализацијата на единицата и искористувањето на тие овластувања во вистинската насока.
Според него, на територијата на Град Скопје според перцепцијата на граѓаните криминалот е намален и тие се чувствуваат побезбедно од претходните години. Димовски говори и за хуманиот аспект, односно за интервенциите на припадниците на „алфите“ кога се спасени многу животи во обид за самоубиство.
Колку во текот на изминатите години „алфите“ ја оправдаа потребата од нивно постоење како единица?
„Алфите“, од формирањето до денес, го оправдаа постоењето. При формирањето на единицата имаше специфична ситуација во тие години, особено во градот Скопје. Беше постконфликтен период во кој стапката на криминал беше енормно зголемена, а функционирањето на полициските станици по основа на системот за безбедност во градот беше на многу ниско ниво. Самото формирање на единицата во тој период даде извонредни резултати, но и во годините што следуваат.
За жал, како тогаш така и денес, се соочуваме со одредени проблеми во полициските станици, така што би рекол дека постоењето на „алфите“ е неопходно дотолку повеќе што можам да потенцирам дека сите главни градови во земјите од регионот, во Европа и во САД, кои имаат милион и повеќе жители, имаат вакви или слични единици за интервенција и за помош на редовните полициски служби.
Откако сте прв човек на „алфите“, спроведени ли се реформи во единицата?
Ја увидовме потребата од реформи посебно за поправање стари правилници, воведување нови правила, поправање на упатствата. Воведовме повисоки критериуми од претходните за прием во единицата, како нормален процес. Долг период „алфите“ беа привремена, несистематизирана единица, но откако единицата е систематизирана од 2014 година до денес можеби немаше простор да се направат некои работи. Сега од моето доаѓање и смирување на, би рекол некакви, политички тензии ги средуваме работите со голема поддршка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовскии. По мој предлог, одобрени се измените во правилниците. За прием во единицата веќе се бараат одредени повисоки физички способности од претходно, како и шестмесечна задолжителна селективна обука, која доколку кандидатот ја мине, станува редовен припадник на „алфите“.
Во која насока треба да се движи надградувањето на единицата: надградување, обука, соработка со други служби?
Иднината на единицата ја гледам во тоа таа да стане респектибилна. Би сакал во иднина во таа насока да се движи напредокот на единицата, да оствариме некаква соработка со слична служба од пријателска земја. Само на тој начин, со реформи ќе се допрофесионализира единицата, која долг период имаше извесни проблеми.
Со какви проблеми се соочуваше единицата?
Би ги споменал во еден период големиот број претставки против активностите на единицата, како во внатрешната контрола и кај народниот правобранител, а голем број од активностите на единицата во негативна смисла беа објавувани и во медиумите. Имаше и поплаки за одредена политичка инволвираност на единицата, а сега сето тоа денес е сведно на нула. Сега нема никаква злоупотреба направена од страна на припадници на единицата.
Сметате ли дека „алфите“ имаат преголеми овластувања, граѓаните обвинуваат за прекумерна употреба на сила?
Имаше такви жалби и претставки, но во последниот период ги нема. Во 2018 година се сведени можеби на помалку од пет претставки и една неоснована претставка кај народниот правобранител. Тоа значи дека веќе има покоректно однесување. Секојдневно, на состаноци со колегите, потенцираме да се употребуваат активности, мерки, полициски овластувања само таму каде што навистина е потребно, а не секаде.
Вистинските криминалци, врз кои и треба да се применат овластувања, знаат да дадат поплаки и жалби против полициските активности, а кои не држат вода. Од граѓани нема поплаки како што имаше порано.
Полициската единица „Алфа“ за прв одговор и интервенција има полициски овластувања врз територијата на цел Град Скопје, што можеби некој би рекол се преголеми, но јас сметам дека не се.
Редовната работа на единицата се активностите на територијата на Град Скопје, но со наредба на директорот за Бирото за јавна безбедност или министерот за внатрешни работи, може да биде употребена во другите делови од државата. Морам да потенцирам дека во останатите градови стапката на криминал е многу помала од она што се случува во Скопје.
Со кој вид криминал најчесто се соочувате и во кој дел на Скопје имате најголем број интервенции?
„Алфите“ се ангажирани за сите видови криминал, од кражба во продавница до убиства и тероризам. Ставени сме дури во одредени планови на МВР за постапување при терористички активности, но поради доверливост не би можел повеќе да откривам. Тоа е специфичноста на единицата „за сè и сешто“, но тоа не ја намалува оперативната способност на единицата.
Во делот на полесните кривични дела каде што интервенираат „алфите“ е некој пропуст, затоа што тоа би требало да го извршуваат полициските службеници од полициските станици. Единицата за прв одговор и интервенции треба да биде само дополнување и помош за потешки видови криминал.
Мора да напоменам дека единицата за прв одговор и интервенција е интервентна, а околу тоа кој вид криминал во Скопје е најзастапен, мислам дека тоа се тешките кражби. Најмногу се насочуваме во делот на интервенциите кражби, разбојништва и има одредени резултати.
Како што гледате состојбата е релативно мирна и стабилна. Јас честопати знам да се повикам на последната анкета од ОБСЕ, според која, перцепцијата на граѓаните е оти живеат во безбеден град или средина.
Опасно ли е да се биде припадник на „алфите“, се соочуваат ли припадниците со закани, осуди, обвинувања?
Од формирањето на единицата до денес има разни ситуациии кога припадници на единицата биле ранети, а имаме еден загинат припадник на „алфите“. Самата професија полицаец е опасна, а ако е спефицична полициска служба или ваква интервентна единица опасноста е поголема. Ризикот и опасноста е нешто за кое се свесни сите припадници во единицата и се носат со тоа. Тие што мислеле дека не треба да се тука поради такви опасности побарале и си заминале од единицата.
Вербалните закани по интервенциите, подвлекува, веќе им станале нормални, но, за среќа, не се реализираат, иако ги има.
Што мислите за ангажирањето на „алфите“ за пред и за изборен период?
Кога се избори се ангажираат сите полициски служби согласно план за обезбедување уште во предизборна кампања, посебно на денот на избори, така што тоа е нешто редовно. Ако зборуваме за злоупотреба, тоа е нешто друго.
Се случило ли во изминатиот период „алфите“ да бидат злоупотребени во избори?
Имало злоупотреби на „алфите“. Веќе има случаи во СЈО, добро е познат случајот за изборите во Охрид 2013 година.
Стојам зад тоа дека нема шанси сега „алфите“ да бидат злоупотребени во таа насока. Доказ за тоа е таков тип поплаки немаше последните два изборни циклуси, 2016 година кога бев на чело на единицата и за време на локалните избори 2017 година.
Има ли разместувања внатре во единицата по промената на власта?
Морам да потенцирам дека првичните распоредувања по моето повторно доаѓање на чело на единицата, а Оливер Спасовски повторно министер за внатрешни работи, беа распоредувања во делот на оние припадници на „алфите“ обвинети во процесите на СЈО.
Тоа беа првичните распоредувања, а понатаму ги правиме при редовно работење на единицата и согласно реформите. Се обидувам заедно со помошниците и старешините да ја подмладиме единицата, да дојдат нови помлади и поспремни припадници.
Велите дека не се направени разместувања поради т.н. „луѓе на вашиот претходник Ивица Антевски–Пуки?
Не може така да се сфатат. Речиси сите беа веќе во некакви обвинителни процеси и истраги на СЈО. Далеку е тоа од реалноста. Откако сум тука инсистирам на професионалноста, не треба никој да се врзува за никого, ниту за мене додека сум тука, туку секој да си ја врши својата работа професионално.
Постои ли комуникација, соработка, со вашиот претходник?
Се познаваме уште пред да бидеме вработени во МВР, сме работеле во еден период неколку години заедно, но, сепак, моментот кога беа техничките влади, кога јас бев началник, а тој дополнителен заменик-началник, беше непријатен период, со лошо искуства, и можам да кажам, за жал, со нарушени односи. Долгогодишни колеги сме, но тоа е тоа.
Ајде малку за хуманиот аспект?
По последната случка, кога наш припадник извлече млада жена од водите на реката Вардар, и ја спаси од сигурна смрт можам да кажам дека „алфите“ имаат повеќе случаи на спасување луѓе при обид за самоубиство.
Транспарентноста за работата на „алфите“?
Транспарентноста е генерално реформа на МВР. Ги знаете правилата. Би кажал дека навистина припадниците на единицата секојдневно се на терен и во секојдневна комуникација со граѓаните, а меѓу нив се и новинарите. Во тој дел транспарентноста е подобрена.
Полициската единица за прв одговор и интервенција „Алфа“ е формирана во 2005 година од тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Михајловски-Џанго.
Примислав Димовски доаѓа од полициската единица „Тигар“, каде што беше за време на конфликтот во 2001 година, а беше и дел од специјалците за време на мајската интервенција во Куманово. Димовски го има освоено петтото место на Светското првенство во бокс во супертешка категорија и е неколкукратен првак на Република Македонија во бокс.