Примадоната на македонската народна песна, кумановката Маргица Антевска (72) се враќа на традиционалниот ,,Тумба Фест” кој ќе се одржи на 29-ти август во 20 часот на големата сцена на плоштадот во Куманово.
Таа ќе настапи со песната „К’т ќе дојдеш у Куманово“ на фестивалот кој ги слави македонските дијалекти и кој во народните ризници остави бројни шегобијни песни кои со години се слушаат.
Антевска, која е родена во Битола, а животот го поминала во Куманово, се стекна со популарност на почетокот на 70-те години на минатиот век.
Учествувала на многу музички фестивали низ цела Југославија, а во популарната серија ,,Максиметар” во која учествуваа и се натпреваруваа најголемите музички таленти од сите југословенски републики, го освоила третото место.
Во Македонија е најпрепознатлива по фолк баладата ,,Ој туѓино” која ја отпеа на Фолк Фест Валандово во 1992 година, песна која и денес се пее, а која за неа ја напишал композиторот Миодраг Божиновски, откако го изгубила татко и со кого била многу блиска.
Во годините наназад, Маргица настапуваше на ,,Цветници”, ,,Гоце Фест”, ,,Интерфест”, ,,Евро Фест”, ,,Серенада на Широк сокак” и многу други фестивали.
Во 2001 година ја доби Ноемвриската награда од Општина Куманово, а пак пред две години одржа јубилеен концерт по повод 55 години музичко творештво во Занаетчиски дом Куманово, под покровителство на Општина Куманово.
Нејзините син и ќерка, Марко и Милена, се школувани музичари, кои тргнале по нејзините стапки. Тие се професори по музика, а имаат и заеднички настапи.
Инаку, на ,,Тумба Фест” се најавени повеќе познати музички имиња, помеѓу кои Круме Спасовски, Ѓоко Ѓорчев, Кате и Соната, Ирена Спасовска, а ќе настапи и Љупчо Бубо Каров заедно со Трио Гранде Плус.
Ќе бидат доделени награди за животно дело и за најслушната песна помеѓу два фестивали. Фестот е организиран од здружението ,,Ризница”.
Вики Клинчарова