Изминативе години речиси да нема популарни пејачи од регионот, кои дури и по неколкупати годишно одржале концерти во земјава, или пак имаат гостувања во ноќните клубови. Докажани и новопечени регионални ѕвезди редовно се во програмата на дискотеки во повеќето наши градови, а влезниците за нивните настапи не се баш евтини.
Дури и кога влезници за таков настан се продаваат по цена од околу 300 денари, за да се дојде до маса, потребно е да се направи резервација, најчесто во пакет со шише алкохолен пијалок, а тоа задоволство ги чини посетителите дополнително од 5.000, па се до 20.000 денари, во зависност од изборот на пијалокот, но и во зависност од популарноста на музичкиот гостин.
Аца Лукас, Цеца, Јелена Карлеуша, Ацо Пејовиќ, Петар Грашо, Јелена Розга, Лепа Брена од постарите, но и голем број на релативно нови пејачки и пејачи на Македонија гледаат како на земја во која секогаш ќе го наполнат локалот до последно место и ќе ги распродадат влезниците.
Поради оваа навала на странски пејачи, чести се поплаките од нашите музичари, кои се жалат на нелојална конкуренција, на недостиг на понуди за настапи, но и на слабо платени гостувања.
Со цел да се врати популарноста на македонските докажани пејачи, но и да се стимулираат нашите автори и изведувачи да продолжат да создаваат квалитетна домашна музика, започнува проектот ,,Прилеп сака македонска музика”.
Станува збор за проект на Здружението за организација на културно-уметнички, забавни, едукативни и хуманитарни настани – Авангард Продукција 2023 Прилеп.
Според здружението, целта на овој проект е популаризација и стимулација на македонската музика и стимул за македонските автори и изведувачи да творат и остават трајни вредности за идните поколенија.
Во склоп на проектот најавен е концерт кој ќе се одржи на 20-ти мај во Прилеп, во НУЦК Марко Цепенков, со почеток од 20 часот.
Ќе настапат Јаков, Жаклина, Јаблан и Џокси. Влезниците за концертот се со цена од 250 денари. Интересот на публиката за најавениот настан на кој ќе бидат изведени квалитетни македонски евергрини, ќе покаже колку навистина нашата публика е желна за македонска музика, со пристапни цени на влезници, или пак регионалните музичари и покрај скапите влезници, ќе останат приоритет на македонската публика.
Вики Клинчарова