Прикривање на имот на владини фукнционери, корупциски скандали и прекроен Буџет по мерка на ДПМНЕ

by Фокус

Транспарентост Македонија го објави билтенот за месеците јули и август, во кои се наведените главните случувања. Според билтенот, тоа се: луксузниот живот на премиерот, непријавување на имотна состојба на функционери на власт, ребаланс на буџетот на РМ, како и проблемите на новинарите и неразумните јавни трошења.

-Бројните корупциски скандали поврзани со незаконско трошење на народните пари кои станаа нормален начин на практикување на власта од страна на владејачката гарнитура, поради зачестеноста, многу брзо се забораваат, се забошотуваат или се ставаат „под тепих“. Токму органите кои се надлежни да постапуват во ваквите случаи и да ги санкционират инволвираните лица во овие коруптивни афери се сосема неактивни и, особено ако се работи за високи функционери од актуелната власт замешани во скандалите, се трудат од петни жили или да ги оправдаат постапките на осомничените или никој во јавноста да не се сети дека тие имаат надлежност да постапуваат во овие случаи, стои во Извештајот на Транспарентност Македонија.

Се забележува и практиката владините функционери да го препишуваат недвижниот имот во сопственост на нивните родители, деца и други блиски лица од семејството, со цел да избегнат да дадат отчет за изворите на средства со кои е стекнат тој имот. Во Извештајот е потенцирано дека и самиот премиер Никола Груевски според пријавата на неговиот имот, сѐ уште „не успеал да се стекне“ со стан или куќа во лична сопственост.

За ребалансот на Буџетот и за новите задолжувања се наведува дека се по партиска мерка на владејчката партија ВМРО-ДПМНЕ за предвремените избори.

-Кон крајот на август, Собранието на РМ го донесе Ребалансот на Буџетот на РМ за 2015 г. Ова беше очекуван ребаланс, бидејќи премиерот веќе неколку месеци наназад, на партиски собири, го прекројуваше Буџетот на државата согласно партиските потреби на ДПМНЕ, во пресрет на предвремените парламентарни избори. Предложениот ребаланс не е ништо друго освен правење терен за зголемени расходи и ново енормно задолжување на Владата и тоа, пред сѐ, од домашни извори, стои во Извештајот од Транспарентност Македонија.

Поврзани новости