Јавното претпријатие Лајка објави фотографии од куче од расата германски овчар, како и неговата приказна, со која сака да се подигне свеста за одговорно сопствеништво на миленици.
Како што раскажуваат од Лајка, станува збор за куче кое долги години било чувано, а кога веќе остарело, сопствениците не сакале повеќе да се грижат за него и го напуштиле.
-Сакаме да споделиме една свирепа и страшна приказна за животот на едно куче, а воедно и реалноста за сопственичките кучиња како завршуваат кога своите сопственици не сакаат повеќе да се грижат за нив.
По пријава од граѓани за куче кое веќе подолго време е на јавен простор, напуштено, без сопственик беше заловено куче од нашите екипи на 18.10.2023 година во Општина Аеродром.
По стандардна проверка се воспостави дека кучето има микрочип, а неговиот сопственик веднаш беше контактиран. Наредниот ден на 19.10.2023 кучето беше превземено од неговиот сопственик, кој си плати за заловување на кучето, согласно правилникот за работа на ЈП Лајка- раскажуваат од претпријатието.
Но, по една недела, добиле пријава од граѓани дека во напуштена фабрика во наслебата Автокоманда има напуштено и заробено куче, по што нивните екипи веднаш заминале таму.
– Кога пристигнаа на посочената локација, нашите екипи го најдоа истиот германски овчар, напуштен и врзан во напуштената фабрика. Кучето беше изгладнето, изнемоштено и болно, свесно оставено без пристап до вода и храна, видно вознемирено, но среќно кога виде дека доаѓаат луѓе да му помогнат. Кучето веднаш доби вода и храна, а и самото влезе во нашето комбе.
Овојпат кучето останува со нас до негово вдомување, случајот ќе биде пријавен до Агенција за храна и ветеринарство, а и ќе биде покренета кривична постапка согласно член 233 од кривичен законик за мачење на животни до сопственикот на ова куче.
Кучето не е во најдобра здравствена состојба, се надеваме дека за брзо време ќе биде добро и ќе биде објавено за вдомување – порачаа од Лајка.
Вики Клинчарова