Пријавувачот на Усеини се премисли: Нефи е мој пријател, ова е недоразбирање

by fokus

И по четири дена од инцидентот помеѓу советникот Нефи Усеини и Спирко Топалоски, полицијата сè уште не може да ги најде Усеини и неговиот брат за кои вчера Судот одреди мерка притвор од 8 дена за насилство врз охриѓанецот.

Адвокатот на Спирко Топалоски,  Кристијан Спироски денеска испрати писмен допис во кој пренесува изјава  од Топалоски за немилиот настан, но со поинаква содржина од првичната изјава, пренесе порталот Охрид1 Тој вели:

„Јас Спирко Топалоски сега во добра здравствена состојба, сакам да ги демантирам написите кои деновиве  излегоја во јавноста, надвор од контекст  и надвор од се што се случи критичниот ден. Од еден немил настан и расправија, која произлезе најверојатно од политички причини односно од структури за мене непознати со цел да се дискредитира неговото име и да се наруши нашето пријателство се направи филм.  Додека јас и Нефи разговаравме, добив удар од задната страна и од стресот што го добив, особено и поради тоа што мојот син беше присутен добив погрешен впечаток за се. Да бидам искрен оружје не видов, но во целата таа паника што настана се стекнав со таков впечаток како да има пиштол, а всушност немаше. сакам да потенцирам дека се работи само за едно недоразбирање, кое е надминато. Нефи бил и ќе биде мој пријател. Би ја замолил јавноста и медиумите да се занимаваат со други поважни, а не вакви исконструирани настани“, се вели во денешната изјава која до медиумите ја испрати адвокатот на Спирко Топалоски, Кристијан Спироски.

Потсетуваме дека по немилиот настан Топалоски сам се обрати до медиумите барајќи да објават што доживеал по средба со советникот Нефи Усеини.

 

Поврзани новости