Во Општина Неготино се одржа координативен состанок за почитување на мерките и препораките за заштита и превенција од корона вирусот во општината.
Како што информираше градоначалникот Тони Делков, граѓаните треба да се придржуваат до мерките. Формиран е мобилен тим за помош којшто за постарите лица ќе врши набавка и достава на храна и лекови.
Компаниите треба да користат средства за дезинфекција, а родителите во координација со надлежните од училиштата да апелираат на изолација во домашни услови на учениците. Според информации кои ги добивме од надлежните во полицијата, редовно се патролира на местата познати како збиралишта на младите, како што се Спомен Костурницата, бензински станици, паркови и слично.
-Лица кои доаѓаат од критичните подрачја, а не се самоизолираат, граѓаните можат да ги пријават на телефонските броеви на МВР, односно на 192 или на 043 361 014 – порача Делков.
Голем број на граѓани периодов реагираат дека многу од нашите иселеници коишто се вратиле од земји со високо и средно ниво на ризик, или пак луѓе кои што биле на прошетка во соседна Грција во текот на минатата недела, шетаат слободно низ градот и не ја почитуваат наредбата за задолжителната самоизолација од 14 дена. Голем дел од оние пак, кои патувале во овие земји во изминативе две недели, велат дека не биле доволно информирани.
Во телефонски разговор за „Фокус” наши иселеници кои од земја со висок ризик се вратиле во Македонија пред девет дена, тврдат дека не ни знаеле што точно значи самоизолација и како немаат време постојано да ги следат објавите од страна на Министерството за здравство. Исто така, велат дека и во авионот, стујардесите единствено им кажале често да ги мијат рацете и да внимаваат на хигиената, а други конкретни препораки не добиле. Според Министерството за здравство, секој наш државјанин кој патувал во средно/високо ризичните земји утврдени со листата на СЗО, има наредба да остане во задолжителна самоизолација во рок од 14 дена.
Листата се ажурира според добиените податоци, а според последната објава, патници кои мора да останат во самоизолација се оние кои доаѓаат од Кина, Италија, Иран, Јужна Кореја, Шпанија, Франција, Германија, САД, Швајцарија, Велика Британија, Холандија, Шведска, Норвешка, Данска, Австрија, Јапонија, Белгија, Катар, Австралија, Канада, Малезија, Грција, Чешка, Сингапур, Бахреин, Финска, Израел, Словенија, Исланд, Ирска, Романија, Бразил, Индонезија, Кувајт, Португалија, Полска, Филипини, Индија, Саудиска Арабија, Египет, Ирак, Либан, Сан Марино, ОАЕ, Естонија, Тајланд, Чиле и Виетнам. Од вчера, според Министерството за здравство, секој државјанин на Македонија при влез на граничниот премин дава писмена изјава под полна морална, материјална и кривична одговорност, дека ќе остане во задолжителна самоизолација во период од 14 дена.
Непочитувањето на наредбата повлекува одговорност. Лицата кои се во самоизолација мора да останат дома и не смеат да одат на работа и на јавни места. Не смеат да примаат посетители, а намирниците треба да им се остават пред врата.
Вики Клинчарова