Седми ден се затворени операциските сали во гинеколошкото, хируршкото и ортопедското одделение во прилепската болница. Минатата седмица 52-годишна пациентка по интервенција на гинеколошкото одделение и по компликации, по еден ден е препратена на скопските клиники каде починала.
МЗ, а и од Комисијата за интрахоспитални инфекции при болницата потврдија дека во примерок на хемокултура од починатата пациентка е пронајдена бактеријата стафилоколус епидермидис. Пријавена е интрахоспитална инфекција.
– Од земениот примерок за хемокултура во ЈЗУ Центар за јавно здравје-Прилеп е добиен позитивен изолат на Staphylococcus epidermidis. Пријавена е интрахоспитална инфекција. Во ЈЗУ ОБ со проширена дејност „Борка Талески“-Прилеп се затворени операциските сали од 16 февруари. Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор на ден 17.2.2023 по добиена информација од ЦЈЗ-Прилеп. Причините за смртта сè уште не се познати. Се чека извештај од патоанатомскиот наод. Телото е предадено за обдукција на Институт за патологија. Од одделението за епидемиологија на Центар за јавно здравје Прилеп извршен е епидемиолошки увид по појава на случај на пациентка кај која е извршена интервенција на одделот за гинекологија после кој се јавиле симптоми на сепса. Земени се примероци од нежива средина, испироци од раце на вработен здравствен персонал, извршени се вонредни здравствено-хигиенски прегледи, по што е препорачано затворање на операциските сали до добивање на резултатите од земените примероци. Итните хируршки интервенции се вршат во блиските регионални болници, стои во информацијата од Министерството за здравство.