Премиерот Димитар Ковачевски не гледа ништо спорно во средбата меѓу неговиот претходник Зоран Заев и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши. Тој денеска изјави дека се работи за пријателска средба меѓу луѓе што соработувале.
– Тоа е пријателска средба на луѓе кои соработувале како дел од Владата и нормално е луѓе кои се пријатели меѓу себе да имаат средби. Тоа е исто како што јас сум имал средби кога не сум бил премиер, како што имам средби сега додека сум премиер и како што ќе имам средби понатаму во мојата кариера, изјави денеска Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по завршувањето на седница на Економско-социјалниот совет.
Гаши викендов со објава на Фејсбук ја потврди информацијата за неговата средба со поранешниот премиер и екс лидер на СДСМ Зоран Заев.
– Како лидер на Алтернатива, имам мандат и должност да се среќавам со сите политички актери во земјата. Така сум работел досега и така ќе работам и во иднина. Следствено, нема ништо посебно и мистериозно во мојата средба со поранешниот премиер Зоран Заев. Јас го разбирам интересот на медиумите за оваа средба, но мислам дека вистинското прашање не е кој, каде и зашто се среќава, туку зошто, по чиј налог и од каков страв ме следат службите СДСМ-ДУИ, наведе Гаши на неговиот Фејсбук статус.
Фотографијата ја објави независниот пратеник и поранешен член на Алтернатива, Скендер Реџепи – Зејд. Средбата предизвика интерес кај јавноста бидејќи Алтернатива ја напушти Владата, за да во владината коалиција влезе Алијанса за Албанците.