Евгениј Пригожин, командантот на руската паравоена формација Вагнер, во јануари и дал специјална понуда на Украина: доколку украинските команданти ги повлечат своите војници од областа околу Бахмут, тој ќе му достави на Киев информации за позициите на руските трупи кои Украина може да го искористи за напад, пишува „Вашингтон пост“ повикувајќи се информации кои протекле од американските разузнавачки служби.
Војниците на Вагнер со месеци се на линијата на фронтот кај Бахмут, украински град на истокот на земјата, кој се обидуваат да го освојат од почетокот на силната руска офанзива.
Милицијата на Пригожин често изразуваше несогласување со одлуките на руското воено раководство, а Пригожин со недели е во спор со руските воени команданти, за кои тврди дека не ги опремиле и снабдувале неговите сили.
Повикувајќи се на разузнавачки извори, „Вашингтон пост“ пишува дека Пригожин го пренел споменатиот предлог на неговите контакти во управата на украинската воена разузнавачка служба, со која одржувал тајна комуникација за време на војната.
Според весникот, Украина ја одбила понудата. Во видео-пораката објавена на Телеграм, Пригожин ги отфрли обвинувањата како „глупости“ и изјави дека зад оркестрираниот напад врз него стојат некои жители на московската област Рубљовка, седиште на многу компании и политички елити.
Тој, исто така, негира дека се сретнал со шефот на воената разузнавачка служба на Украина, Кирил Буданов, во неименувана африканска земја. Пригожин тврди дека не бил во Африка од почетокот на конфликтот во Украина, а идејата дека разговарал со него телефонски ја нарекува смешна.
Пригожин минатата недела се закани дека ќе ги повлече своите борци од Бахмут доколку Министерството за одбрана на Русија не им достави повеќе муниција, но тој исто така рече дека ако одлучи да го стори тоа, тој и неговите луѓе ќе бидат сметани за предавници.
Тој ја обвини редовната руска армија дека не ги заштитила крилните позиции на неговите борци и постојано тврдеше дека руската деловна елита и највисоките воени функционери ја поткопуваат воената операција во Украина.
Белата куќа одби да го коментира извештајот на Вашингтон пост.