Професорите Симона Груевска-Маџоска и Александра Ѓуркова, вработени во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, до Кабинетот на премиерот Зоран Заев, до Генералниот секретаријат на Владата и до Собранието на РМ доставија приговор кон Предлог-законот за употреба на јазиците. Приговорот го објавуваме во интегрална форма.
Почитувани,
Како лингвисти, академски граѓани вклучени во работата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, поднесуваме приговор кон Предлог-законот за употреба на јазиците којшто беше објавен на 7.8.2017 год. на веб-страницата на Министерството за правда на РМ, во медиумите и на интернет-порталите. Имаме намера да ви го свртиме вниманието од стручен аспект кон неколку точки во Предлог-законот коишто се правно и суштински штетни за јазичната политика и за државните интереси на Република Македонија.
На почеток, мора да го повториме повеќекратно искажаниот став дека мора да се надмине терминолошката мешаница којашто се јавува во законите што ја третираат оваа материја – официјален јазик, службен јазик, јазик во службена употреба. Мора да се назначи дека на целата територија на Република Македонија, како и во меѓународните односи, според Уставот на РМ, како и според Охридскиот рамковен договор, е официјален само и единствено македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, што произлегува од унитарното уредување на нашата држава, а другите јазици можат да бидат во службена употреба во законски предвидените случаи. Таква е јазичната политика во светот – повеќе официјални јазици има во држави во кои има повеќе автономни делови, а Република Македонија нема такво уредување.
Проблематичен е и самиот наслов на Предлог-законот, со којшто, всушност, се имплицира дека македонскиот јазик е само еден од јазиците во РМ. Натаму, со наведувањето само на албанскиот јазик во загради во ставот 2 од членот (1), пак, во позадина се создава впечатокот дека во РМ треба да бидат и(ли) се во употреба единствено македонскиот и албанскиот јазик. На ваков начин се создава дискриминација кон другите граѓани кои, како што е наведено во амандманот IV од Уставот на РМ (Службен весник на РМ, бр.91, год. LVII, 20.11.2001), се „дел од турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и други“, кои живеат и се државјани на РМ. Предлагаме, заради расчистување на овие дилеми и заради избегнување на двојство во толкувањето, Предлог-законот да го носи називот Закон за јазиците што ги зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на РМ.
Второ, уште на почетокот со став 2 од членот (1) се доведува во прашање искажаното во став 1 од членот (1), конкретно, дека на целата територија на РМ и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско
2
писмо. Со формулацијата во став 2 не е јасно дали јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните и неговото писмо се смета за службен јазик и во меѓународните односи на РМ. Ако е така, што ќе значи тоа за комуникацијата при воспоставувањето на меѓународни односи, особено со земјите во регионот и дали тогаш не треба да се воспостави правно заштитен механизам за македонскиот јазик и неговата задолжителна употреба во меѓународните односи, без разлика дали носителот на функцијата како прв јазик го зборува македонскиот или некој друг јазик што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на РМ.
Трето, во членот (1) став 2 покрај формулата „најмалку 20 % од граѓаните“, којашто, инаку, е произлезена од Рамковниот договор склучен во август 2001 год. во Охрид и чија автентична верзија е единствено онаа на англиски (http://www.ucd.ie/ibis/filestore/Ohrid%20Framework%20Agreement.pdf), во загради е споменат САМО и единствено албанскиот јазик. На ваков начин, како што беше споменато погоре, се занемаруваат правата на граѓаните припадници на другите народи во РМ. Истовремено, како дискриминарички се оценува и делот во став 4 од членот (1) во кој се одредува дека „За употребата на јазиците и писмата што ги зборуваат помалку од 20 % од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на локалната самоуправа“. На ваков начин, во единиците на локалната самоуправа има големи можности за манипулација и дискриминација во однос на припадниците на другите народи што живеат во РМ, а не се предвидува заштитен механизам или контрола на тој процес.
Четврто, во членот (2) е уредено дека граѓаните имаат право да употребуваат кој било од наведените службени јазици и нивните писма од член 1 став (1) и (2) од овој закон, а институциите од член 1 став (3) од овој закон, како и другите институции имаат обврска да им овозможат на граѓаните користење, употреба и примена на тие службени јазици и нивните писма во која било постапка. Ако се навратиме на членот (1) можеме да видиме дека се споменати само македонскиот и албанскиот јазик, што значи повторно има место за дискриминација кон припадниците на другите народи и кон нивните јазици.
Петто, во членот (8) е уредена материјата за јазикот на поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, фактурите од институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон и бандеролите. Понатаму, книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните и неговото писмо. Во став (3) е пропишано дека униформите на полицијата; пожарникарството; здравството; во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20 % од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо. Имајќи ги предвид бројните искажувања во јавноста дека, всушност, во овој Предлог-закон се вклучуваат аспектите од Рамковниот договор од 2001 год., укажуваме дека материјата што е овде наведена не спаѓа во содржината опфатена со Рамковниот договор.
3
Да потсетиме дека голем дел од опфатената материја во овој Предлог-закон е веќе опфатена и регулирана со Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на РМ и во единиците на локалната самоуправа (Службен весник бр.101, 13.8.2008). Сосема друго, но и легитимно прашање е на каков начин и досега е спроведуван и почитуван овој закон, особено во јавните натписи, патните ознаки, топонимите, означувањето на институциите итн., особено во единиците на локалната самоуправа каде што мнозинството употребува јазик што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на РМ. Потребно е темелно истражување и релевантна анализа на постоечката состојба, за да може да се донесе соодветно законско решение. Особено, дали во советите на единиците на локалната самоуправа во кои мнозинството советници зборува јазик различен од македонскиот е обезбеден превод на македонски, дали на натписите и таблите е запазен редот на јазиците и дали воопшто го има македонскиот итн. Дали можеби веќе имате некоја пообемна анализа за овие прашања? Потребна е јавна дебата, при што ќе се опфатат сите аспекти и ќе бидат вклучени стручни лица: правници и лингвисти коишто со својата научна работа ќе можат да дадат значаен придонес во унапредувањето на односите меѓу сите граѓани на РМ, без разлика на нивната национална припадност или на јазикот што го зборуваат.
Зошто е потребно набрзина да се третира вака сложена и обемна регулатива? Сметаме дека е завршено времето на носење сензитивни закони по кратка постапка, во екот на годишните одмори или пак во 3 часот по полноќ! Ги паметиме тие времиња, кои штотуку изминаа, и сметаме дека тоа не треба да биде одлика на една граѓанска влада.
Шесто, со членот (18) се пропишува основање Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на Република Македонија со својство на правно лице. Навистина, важно е да се има контролен механизам и да се следи спроведување на еден закон. Натаму читаме дека во членот (19) се пропишани надлежностите на Агенцијата, и тоа: – поддршка на институциите во остварувањето на обврските од овој закон вклучувајќи превод и лекторирање документи; – лекторирање на сите акти што се објавуваат во Службен весник на Република Македонија; – промовира и презема мерки за унапредување на употребата на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на Република Македонија итн. Новина е дека со овој закон се формира Инспекторатот за употреба на јазиците во состав на Министерството за правда со својство на правно лице. Со овој член, албанскиот јазик се издига над сите останати јазици во РМ, вклучително и македонскиот, кои немаат посебна агенција и инспекторат со вакви надлежности.
Првиот и најважен аспект, кој веруваме му е пред очи на секој граѓанин е: зошто треба постојано да се генерира администрација во РМ која потоа ќе биде средство за манипулација, прашање за кое во вашите заложби како Влада на РМ се застапувате за спротивниот модел. И не само тоа, со овој Предлог-закон се предвидува двојазичност во сите државни институции, јавни установи (член 9), но и нотари, извршители итн. (член 10), што значи дека секаде ќе мора да има преведувачи на албански јазик, инаку ќе бидат казнети со високи глоби (од 4000 до 5000 евра). Тука е и двојазичноста на официјалните веб-страници на установите и институциите, за којашто сами ќе треба да си најдат
4
средства (член 6, став 4). Треба да се направи увид колку од овие институции и установи имаат воопшто финансиски средства да ги ажурираат и еднојазичните веб-страници.
Да направиме сега куса паралела со Законот за употребата на македонскиот јазик донесен во 1998 год. (Службен весник бр. 5, 30.1.1998) и неговото спроведување. Во него во членот (1) се пропишува дека се уредува употребата на македонскиот јазик како службен јазик во РМ, а со членот (4) се утврдува дека не се ограничува правото на припадниците на националностите на службена употреба на јазикот и писмото на националностите во единиците на локалната самоуправа. Натаму, со членот (7) се уредува проблематиката на лекторирање на службените текстови и текстовите во медиумите, печатените изданија итн. Со членот (8) се уредува основање на Совет за македонски јазик во рамките на Министерството за култура на РМ, којшто може да дава мислења, предлози и препораки за употребата на македонскиот јазик, да издава публикации, да предлага програми за заштита, унапредување и збогатување на македонскиот јазик во сите области итн. Со членот (10) се основа Комисија за полагање лекторски испит којашто се грижи за спроведувањето на испитите, издавање на уверенијата за лектор и сл. Како управен надзор за спроведување на овој закон е наведено Министерството за култура (член 12), односно инспекторите во Министерството.
Денешната состојба со спроведувањето на овој Закон е следнава: со години наназад при барања за проверки во врска со објавени нелекторирани текстови, изданија и сл. Министерството за култура давало одговор дека нивните инспектори не се во доволен број за да ја покријат соодветната материја. Тоа доведе до едно целосно самоволие во издавачката дејност, во електронските медиуми и во голем дел кај интернет-порталите на македонски јазик. Во врска со полагањето лекторски испит, на 30.12.2013 година во Сл. весник излезе Законот за измена и дополнување на Законот за употреба на македонскиот јазик, а во 2015 година и уште две измени и дополнувања, со што се предвидуваше електронско полагање на лекторскиот испит, при што беа формирани две комисии за составување и верификување на базата со прашања, кои навремено ја завршија работата, но ваквиот начин на полагање никогаш не профункционира. Комисијата за верификување на прашањата достави и приговор до Министерството за култура дека ваквиот начин на полагање лекторски испит е несоодветен, но никогаш не доби повратен одговор. Епилогот е дека веќе не може да се полага лекторски испит по македонски јазик во РМ. Дали е ова соодветна грижа за македонскиот јазик во РМ? Дали можеби во РМ не се веќе потребни лектори по македонски јазик? Министерството за култура треба под итно да разгледа и да понуди решенија за ова прашање. Советот, пак, од друга страна се сведе на едно административно тело кое и онака нема својство на правно лице, па во последниот период (читај четири до осум години) ниедна државна институција не го смета за релевантен субјект за советување и за спроведување на Законот за употребата на македонскиот јазик.
Гледано од перспектива на предложениот Закон за употреба на јазиците, овој однос во врска со спроведувањето на Законот за употребата на македонскиот јазик е, благо речено, непримерен и штетен за јазичната политика во Република Македонија. Се поткопува и онака, тешко воспоставената рамнотежа опфатена со оваа законска регулатива.
5
Укажуваме, уште еднаш, на потребата за подолга подготовка во обработката на засегнатата материја со Предлог-законот и вклучување на сите релевантни државни субјекти кои можат да помогнат со научната работа и со своите анализи. Бараме повлекување на Предлог-законот во интерес на организирање поширока јавна дебата во врска со употребата на сите јазици во РМ и начините за соодветна правна регулатива соодветно на Уставот на РМ и на законите што ја опфаќаат оваа материја, зашто со овој Предлог-закон се крши и Уставот на РМ и се додаваат измени кои воопшто не се предвидени со Охридскиот рамковен договор.
Почитувани,
од сите нас зависи во какво општество ќе живееме. На македонското општество веќе не му се потребни краткотрајни решенија, мотивирани од ефемерни меѓупартиски интереси, Јазичната политика на една држава не смее да биде заложник на политички и партиски договори, а македонскиот јазик треба да се сфати единствено како кохезивно средство за сите граѓани на Република Македонија, а не како средство за поделби.