Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска во Брисел изјави дека прифаќањето на предлозите претставени од претставниците на „големата петорка” во Белград и Приштина е „единствениот начин да се стави крај на циклусот на кризи на теренот.”
„Во оваа прилика нагласуваме дека постигнувањето напредок по новиот предлог ќе донесе значителни подобрувања за двете страни. Верувам дека тоа е единствениот начин да се стави крај на циклусот на кризи на кои бевме сведоци во последно време и дека значително ќе ги намали ризиците од нови тензии и ескалации. Очекуваме сериозна посветеност и подготвеност за конструктивно вклучување на двете страни во овој процес за да може овој предлог да напредува, изјави Борел по седницата на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ.
Тој додаде дека ги информирал шефовите на дипломатиите на земјите од Европската унија за резултатите од разговорите на претставниците на ЕУ, Париз, Берлин, Рим и Вашингтон со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти.