Британскиот Дом на лордови бара од Владата во Лондон да се заложи Македонија да стане членка на НАТО без оглед на тоа дали ќе биде решено прашањето за името. Според извештај подготвен од Домот на лордови, британската влада ќе настојува за примање на Македонија во НАТО заради мир и стабилност во регионот.
„Владата треба да ги поддржува мерките за да и помогне на Македонија да влезе во НАТО, со или без решение на прашањето за името”, се вели во извештајот.
Велика Британија ќе биде организаторот на овогодишниот Самит на Западен Балкан, а Лондон ќе се обиде да го наметне своето влијание на регионот и ќе инсистира на членство на Македонија во НАТО и без решавање на спорот за името.
„Членството во НАТО и соработката го гарантираат мирот и стабилноста на регионот. Се согласуваме со поддршката на владата за членство во НАТО на Македонија и Босна и Херцеговина. Доколку тие ги исполнуваат основните барања за членството, нивната интеграција во НАТО ќе биде чекор кон поголема стабилност во регионот“, стои во извештајот.