Министерот за надворешни работи, Никола Димитров и заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи денеска остварија средба со експертот од ЕУ, Рајнхард Прибе, кој престојува во работна посета на земјата.
„Министерот Димитров изрази благодарност за ангажманот на експертскиот тим предводен од Прибе што со прецизното детектирање на недостатоците во неколку клучни области ќе придонесе кон процесите за надминување на политичката криза“, изјавија од МНР.
Оттаму велат дека отсуството на независни институции имаше последици по демократските процеси во Р. Македонија. Приоритет на новата реформска Влада ќе биде нивна професионализација што ќе доведе до доследно спроведување на законите, заклучил Димитров.
„Потребна е директна и отворена комуникација по однос на сите прашања кои треба да се решат, со цел меѓусебно разбирање, како основа за враќање на довербата на граѓаните во институциите“, посочил вицепремиерот Османи на денешната средба.
„Свесни сме дека периодот на политичка криза, кој е веќе зад нас, влијаеше на темпото на реформите и спроведувањето на препораките од Извештајот на групата експерти од 2015 година. Во овој процес на исполнување на преземените обврски, од исклучителна важност за нас е вашето вклучување во овој процес, преку вашите совети, надзор и забелешки, имајќи предвид дека вашето име во моментов претставува и синоним за реформи во земјава. Јас, како и Секретаријатот за европски прашања стоиме на располагање за се што ви треба за објективна и точна проценка на состојбата. Клучно е да добиеме од вас јасни препораки за она што треба да биде преземено и што може да биде реализирано, на краток и среден рок“ вели Османи.
Во соопштението на МНР се вели дека на средбата било изразено уверување дека понатамошниот ангажман и идните насоки на експертската група ќе бидат од исклучителна важност за испорачување на конкретни резултати во клучните области, со цел подобрување на животот на граѓаните и забрзување на европскиот интегративен процес на Македонија.
Прибе ја нагласил неопходноста од засилен ангажман и мобилизација на релевантните институции во земјата за спроведување на препораките од Извештајот и Итните реформски приоритети и ја реафирмирал подготвеноста експертскиот тим да и помогне на Македонија за надминување на посочените недостатоци во неколку важни области кои се однесуваат на владеењето на правото, слободата на медиумите и независноста на регулаторните тела.