Рајнхарт Прибе пристигна денеска во Скопје и го започна скенирањето на состојбата во институциите во Македонија. Тој започна од министерствата за надворешни и за внатрешни работи, за правда и за евроинтеграции.
По средбите претпладнето Прибе не сакаше да даде проценка изјавувајќи дека е рано за тоа и дека најпрво сака да ја согледа состојбата.
„Само што почнавме со работа, ќе видиме понатаму што треба да биде направено“, изјави накратко Прибе по средбите.
Покрај состанокот со Димитров и Османи, беше најавена и средба со преставници на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, што Прибе во изминатите години не успеа да ја инволвира во процесот на реформите.
Од владата изјавија дека помошта на Прибе е добродојдена и дека во јули ќе биде објавен планот со краткорочни рокови од три, шест и девет месеци кога треба да се направат клучни реформи во судстото, јавната администрација, безбедносните служби, медиумите, регулаторните тела и борбата против корупцијата.
Се очекува Прибе денес да ја заврши посетата и да си замине од Македонија. Најавено е дека по средбите ќе биде објавена информација за разговорите денес.