Секојдневно се преземаат низа активности во врска со исчезнатото 14-годишно девојче, Вања Ѓорчевска, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Девојчето претставува приоритет на секторот за внатрешни работи и посебно формираниот штаб кој работи на нејзино пронаоѓање.
Досега се пребарани речно корито на Вардар, сите подрумски простории не само во околината туку и пошироко, добиени се информации од околните цркви и манастири. Спасовски додаде дека во потрагата вклучени се неколку стотини полициски службеници кои исклучиво работат на оваа проблематика и се предводени од началникот на секторот за внатрешни работи и од помошниците началници, целото раководство е насочено кон оваа активност.
„Преземаме опсежни мерки. Не зборувајќи за детали, опсежни мерки. Искористување на сите можни капацитети за јавната безбедност кои што значат пред се подигнување на камери. Преку 50 места со камери се преземени и прегледани. Целосно е во функција системот ‘Сејв сити’ каде што исто така се преземаат мерки. Сите податоци од телеком операторите кои може да бидат важни се прегледани. Десетици и десетици лица се преслушани за информации за овој настан. Преземени се електронските уреди од семејство и од девојчето, се вештачат, еден дел се земени податоците. Имаме одредени податоци од овие уреди кои може да бидат од помош на истрагата и целата постапка. Се пребаруваше и речно корито на Вардар, сите подрумски простори, не само во околината туку и пошироко. Се работеше на пребарување, односно добивање податоци информации од црквите и манастири кои се во близина на Скопје. Имаме опсежна активност и тука нема да се застане“, рече Спасовски.
Тој нагласи дека ќе информираат на дневна основа и апелираше да не се шират дезинформации.