Асоцијаците на превозници во патниот сообраќај „МАКАМ-ТРАНС“ и „Превозник“ упатија допис со барање за овозможување приоритет за издавање на сите потребни документи на превозните трговски друштва до Министерство за внатрешни работи и допис за поддршка до Министерство за транспорт и врски, а поради стапувањето во сила на одредбите од Договорот од Преспа.
Како што истакнуваат, на професионалните возачи, работните активности им зависат токму од овие документи и затоа се обраќаат за помош и поддршка со цел избегнување на застојот во вршење на превозот на стока.
– Во однос на пасошите и возачките дозволи, се работи за поднесени барања од страна на физички лица кои за да се препознаат во масата на доставени барања треба да се овозможи преку асоцијациите и разните здружувања да се достават пишани списоци со податоци за истите, како би се овозможило полесно пронаоѓање и изработка на истите, велат асоцијациите на превозниците.
Додека, во однос на процедурите кои се пропишани за добивање на налепници и нови сообраќајни дозволи, како што дополнуваат, потребно е да се овозможи на сите кои вршат комерцијален превоз (превоз на стока и патници) истите да ги добиваат наеднаш за сите возила кои ги имаат во сопственост, а врз база на копии од сообраќајните дозволи да им се издадат нави со променет назив на државата.
-Ако се појави како нужност, секогаш сме подготвени да излеземе во поддршка на кој било во приватниот сектор или јавниот сектор, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања на прашањето дали ќе донесат иницијатива за предност на превозниците во замената на личните документи.
– Тие немаат посериозни проблеми. Може да има исклучоци од превозниците кои што го немаат решено проблемот со сообраќајните дозволи, возачките дозволи итн. , и другата пропратна документација.
Ако се појави ова како нужност, секогаш сме кажале дека сме спремни да излеземе во поддршка на кој било – дали е тоа во приватниот сектор, или јавниот сектор, сме помагале кога тоа е потребно.
И во овој случај ако е нужно, велам, и повеќе го имаат тој проблем, секако сме спремни да разговараме, изјави Битиќи.