Превирања во НСДП: Битка за наследник на Тито

Зад Мисовски застанаа влијателни членови на партиското раководство без лидерот, но само Трајковски доставил програма за работа. Што вели Петковски?

by Фокус

Има судир, но не и раскол во НСДП, вели за Фокус се уште актуелниот партиски претседател во заминување Тито Петковски, откако два табори влегоа во отворена внатрепартиска битка за нов лидер на претстојниот изборен Конгрес што треба да се одржи на почетокот на јуни.

Според него, одлуката на членови на Извршниот одбор на партијата да го предложат пратеникот Горан Мисовски за единствен кандидат за партиски лидер е нестатутарна и воедно се коси со принципите за демократски внатрепартиски натпревар за кои тој се залага.

-Извршниот одбор не функционира, туку тој е заменет од страна на Одбор за подготовка на Конгресот со одлука на последниот состанок на Централниот одбор, кога донесени се правила за предлози за кандидати, односно беше отворена постапка пред општинските организации за предлози за кандидати за претседател – објаснува Петковски.

Тој посочува дека на вчерашната седница на овој Одбор ги разгледале сите предлози од општинските организации кои предложиле 10 кандидати за претседател на НСДП, при што Мисовски имал речиси еднаква поддршка како и генералниот секретар Кристијан Трајковски, кој патем единствено доставил програма за работа.

-На состанокот имаше различни ставови и предлози како да се одвива Конгресот. Пратеничката Соња Мираковска и Мисовски наметнаа дека треба да се оди со еден кандидат за претседател и тоа да биде Мисовски. Не помогнаа укажувањата дека тоа е надвор од правилата за утврдување на кандидатурите – вели Петковски.

Тој додава дека го водел состанокот и го затворил без заклучок, бидејќи, како што појаснува, имало различни предлози. Според него, било одлучено Централниот одбор во сабота да ги утврди кандидатурите, но после завршувањето на седницата повеќе членови на Извршниот одбор се потпишале во корист на Мисовски.

-Потписите на 10 највлијателни луѓе во партијата доволно кажуваат. Тито Петковски треба достоинствено да си замине од партијата после долгата политичка кариера – кусо ни изјави Мисовски, истакнувајќи дека не се откажува од трката за партиски лидер.

Неговиот противкандидат Трајковски, пак, истакнува дека таканаречениот предлог од Извршниот одбор за номинација на Мисовски не претставува статутарна одлука, туку, како што вели, список на имиња потпишани на хартија.

-Извршниот одбор веќе не постои, туку тој е заменет со Одбор за подготовка на Конгресот, а на последната седница на Централниот одбор се утврди и Правилник за номинација на кандидатите, кој предвидува да се достави и програма за работа. Ваква програма сум доставил само јас – вели Трајковски.

Инаку, во сабота треба да се утврди листата со кандидати за наследник на Петковски, кој е на чело на оваа партија откако ја формираше по отцепувањето од СДСМ во 2005 година.

В.С.

Поврзани новости