Претставници на САД и Русија се очекува да се сретнат во Саудиска Арабија во наредните денови

by Fokus

Високи функционери од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во наредните денови ќе се сретнат со руски претставници во Саудиска Арабија, со цел да се отпочнат разговори за ставање крај на речиси тригодишната војна во Украина, јави Ројтерс, цитирајќи висок американски функционер.

Според најавите, во Саудиска Арабија ќе отпатуваат американскиот државен секретар Марко Рубио, американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц и пратеникот на Белата куќа за Блискиот Исток, Стив Виткоф. Засега е непознато со кои руски претставници ќе се сретнат.

Запознаен извор потврди дека разговорите меѓу претставници на САД и Русија во Саудиска Арабија ќе се одржат.

Претседателот на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД, републиканецот Мајкл Мекол, во изјава за Ројтерс вели дека и украинскиот претседател Володимир Зеленски е поканет да учествува на средбата. Вели дека целта е да се договори средба меѓу Трамп, Путин и Зеленски за да се стави крај на конфликтот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, рече дека Украина не е поканета на разговорите во Саудиска Арабија и дека за него би било чудно да разговара со претставници на САД и Русија ако претходно Киев не се консултира со своите стратегиски партнери.

Поврзани новости