Претставничкиот дом на американскиот конгрес со 223 гласа „за“ и 205 „против“ донесе резолуција со која се повикува потпретседателот Мајк Пенс да го започне процесот на отповикување на претседателот врз основа на 25-тиот амандман од Уставот.
Со вчерашната резолуција се повикува потпретседателот Мајк Пенс да го започне процесот на отповикување на претседателот врз основа на 25-тиот амандман од Уставот
Тоа би значело дека Пенс и поголемиот дел од администрацијата на Трамп ќе мора да го прогласат Трамп за неспособен за извршување на своите должности.
Потпретседателот Мајк Пенс сега има рок од 24 часа да каже дали е подготвен да постапи според усвоената резолуција.Пенс претходно одби ваков потег. Во писмото до спикерот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, тој тогаш напиша дека не ја прифаќа таа иницијатива и дека нема да го стори тоа.
Пенс „не верува дека тоа е во најдобар интерес на нацијата и дека е во согласност со Уставот“ и ги повика Пелоси и Претставничкиот дом да работат заедно на мирен трансфер на власта и инаугурација на новиот американски претседател Џо Бајден на 20 јануари.
Резолуцијата на Претставничкиот дом, меѓудругото, соддржи член во кој Трамп се обвинува за поттикнување бунт и зборува за неговата потенцијална одговорност за упадот на дел од приврзаниците во комплексот Капитол хил за време на конгресната потврда за резултатите од гласањето на Изборниот колеџ на претседателските избори што ги доби Џозеф Бајден.
Во резолуцијата се истакнува дека Трамп на протестен митинг им се обрати на неговите приврзаници, непосредно пред дел од нив да се упатат кон Капитол хил. Начинот на кој тој им се обрати на присутните ги охрабри и, како што се очекуваше, доведе до незаконски активности, се додава во резолуцијата.
Претставничкиот дом се очекува денеска да гласа за отповикување на претседателот во заминување од функцијата, под обвинение дека тој го иницирал бунтот во Конгресот. Со четворица републиканци кои се изјаснија дека ќе го поддржат отповикувањето на претседателот Трамп за поттикнување на насилниот упад во Конгресот, при што загинаа пет лица, демократите во Претставничкиот дом се пред историско гласање за смена на претседателот, на осум дена пред официјалното завршување на неговиот мандат.
Доколку Претставничкиот дом го отповика Доналд Трамп, тој ќе стане единствениот американски претседател кому ова му се случило двапати во текот на неговиот мандат.
Потоа за ова треба да се изјасни Сенатот, кој сè уште е под контрола на републиканското мнозинство, иако сè уште не е јасно дали има доволно време или политички волја за соборување на Трамп.
ФБИ ќе го преврти секој камен пред инаугурацијата – досега поднесени 70 обвиненија на немирите
Американското Федерално истражно биро (ФБИ) отворило 160 истраги за минатонеделниот напад врз американскиот Конгрес во Вашингтон од приврзаниците на претседателот Доналд Трамп, соопшти оваа сојузна агенција.
Помошник- директорот на ФБИ, Стивен Д’Антуоно, на брифинг со новинарите изјави дека тие досега обезбедиле 100 000 видеа и слики како докази во постапките, пренесуваат британските медиуми.
Обвинителот на Вашингтон ДЦ, Мајкл Сервин, изјави дека 70 обвиненија се веќе поднесени, а очекува дека на крајот ќе има повеќе стотици
За инаугурацијата на Бајден е најавено распоредување на десетици илјади полицајци откако поддржувачи на Трамп најавија дека планираат да го опколат Капитол пред да се случи инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден.