Најголемата дискографска куќа во регионот „Croatia Records“ ја претстави новата, досега неслушната и невидена верзија на албумот „Битанга и принцеза“ на култните „Бијело дугме“.
Четириесет и пет години подоцна, четвртиот, најамбициозен, и, според многумина, најдобар албум на иконите на југословенскиот рокенрол – „Бијело дугме“ доаѓа во ново звучно и визуелно руво.
За повторно миксање на албумот се користени оригиналните 24 канални ленти, кои беа внимателно зачувани сите овие години во архивата на ,,Croatia Records”.
Во студиото на ,,Croatia Records”, материјалот одново го миксал Горан Мартинац,
а винилното издание на албумот „Битанга и принцеза“ е режано во студиото Abbey Road во Лондон, од страна на Шон Меги, добитник на Греми награда за звук, појаснуваат од дискографската куќа.
– Следејќи го примерот на Битлси, но и она што веќе стана светскиот тренд на ремиксирање на одлични, легендарни албуми, се одлучивме на опасен, но предизвикувачки потфат. „Битанга и принцеза“ е секако една од најдобро одсвирените, најдобро снимените, најдобро миксаните и на крајот најдобрите албуми на просторот на поранешната држава.
Но, новите технологии носат нови можности, па „Битанга и принцеза 2024“ звучи почисто и поприсутно.
Се обидовме да се држиме до оригиналниот звук, оригиналните простори и оригиналниот баланс на инструментите.
На новата верзија на албумот е вратена некогаш цензурираната реплика од „Ала је глупо заборавит њен број“ – „…а који ми је мој?“ Во оригиналот, поради техниките на снимање и микрофоните од тоа време, имаше многу ,,блидинг,, на елементите на тапанот, па поради ова, мајсторите на оригиналниот тон, Ник Глени Смит и Раде Ерцеговац, имаа проблеми со цврстина на самата ритам секција. Денешната технологија на миксање ни го олеснува справувањето со овие проблеми – објаснува Горан Мартинац.
Новата „Битанга и принцеза“ доаѓа на 180-грамскиот винил, и со картичка за песните во MP3 верзии. Покрај стерео верзиите на миксовите, за дигитални услуги подготвена е и верзијата Dolby Atmos, како и хибридното Super Audio CD со HiRes Stereo верзија и 5.1 сараунд микс мастериран од Сајмон Гибсон во легендарното студио Abbey Road студио.
Оние кои го слушнаа сработеното велат дека гитарите на Бреговиќ се во преден план, а одлично се слушаат и придружните вокали на македонската пејачка Маја Оџаклиевска.
Но, не е само звукот што ќе ги воодушеви дискофилите. Јубилејното издание на „Битанга и принцеза“ доаѓа со оригиналната, цензурирана обвивка на Драган С. Стефановиќ.
– Омотот на „Битанга и принцеза” беше малку „дрзок“ во својата порака, но беше покриен со убава и елегантна слика.
Идејата беше едноставно низок удар на девојката (Принцезата) упатен до некој нејзин близок (Битангата), со кој е во одредена корелација. Но, самата врска е заменета: принцезата е облечена како уличарка, па така и реагира, додека мажот е убаво облечен, речиси џентлменски, со однесување како младоженец – во бел костум, тој се штити, наместо да напаѓа. Кога слушнав дека е цензурирана мојата верзија на обвивката, а и забранета за објавување, се почувствував повреден.
На самата слика немаше ништо визуелно непристојно или вулгарно, само идејата беше провокативна. Бев пријатно изненаден од љубезната понуда на Croatia Records повторно да учествувам во проектот со „забранетата слика“ на речиси заборавената корица! Нивната отвореност и подготвеност да исполнат се што е потребно ме обврза да се обидам да направам нешто на работ од возможното. Со помош на Дарко Кујунџиќ, успеавме сликата да ја направиме повторно автентична и оригинална. „Забранета слика“ сега се врати пред публиката и многу сум среќен! – открива дизајнерот Драган С. Стефановиќ.
Албумот „Битанга и принцеза“ содржи седум одлични песни – ,,Na zadnjem sjedištu mog auta”, ,,Ala je glupo zaboravit njen broj”, ,,Bitanga i princeza”, ,,A koliko si ih imala do sad”, ,,Kad zaboraviš juli”, “Ipak poželim neko pismo” и “Sve će to mila moja prekriti ružmarin, snjegovi i šaš” во која ,,Бијело дугме” е придружено од симфониски оркестар и хор.
– Дури и од денешна перспектива, албумот „Битанга и принцеза“ е едно од најинтересните остварувања во целокупната продукција на ,,Бијело дугме”. Јас лично го гледам како мое ултимативно достигнување во далечните седумдесетти – изјави Жељко Бебек, првиот фронтмен и според мислењето на многу фанови на групата еден од најдобрите вокали на ,,Бијело дугме”.
Следејќи ги светските трендови во дискографијата, ,,Croatia Records” претставува одлични легендарни изданија на технолошки најмодерен начин.
– Феноменот на ,,Бијело дугме” и по 50 години од нивното појавување веројатно не може да се повтори во ниту еден сегмент. Од нивното основање тие се институција која со своите активности ја промени дискографијата на овие простори на подобро, а времето во кое тие делуваа и создаваа е неповторливо, затоа ова издание е уште еден придонес за нивната уникатност, како и нов начин на гледање на албумот „Битанга и принцеза“ за дискофилите кои се желни за понатамошно проучување на феноменот Бијело дугме – заклучува Желимир Бабогредац, директор на ,,Croatia Records”.
Иван Беќковиќ, супервизорот на ,,Croatia Records“ за Македонија потенцира дека изданијата на најголемата дискографска куќа во регионот се постојано присутни во нашата земја и се многу популарни кај фановите, бидејќи тие се секогаш подобри од другите, оти даваат многу повеќе.
– Со винилот на ,,Croatia Records” секогаш оди и картичка за бесплатно преземање на песните во MP3 верзии, а самите изданија се луксузни, со многу дополнителни содржини. Јубилејната верзија на „Битанга и принцеза“ преку веб-шоп страната на ,,Croatia Records” веќе може да се купи онлајн, а официјалното излегување на албумот е закажано за 15-ти јули. Една недела претходно пак, нестрпливите ќе можат да го слушнат сработеното на дигиталните платформи, порача Беќковиќ.
Вики Клинчарова