Во кино „Фросина“ вечер од 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Хумана приказна” од Кaтерина Момева во режија на Бесфорт Идризи. Таа е дел од проектот „Мој Омбудсман – театарот како метод за зголемување на основните човекови права“, во продукција е на „Онлимит медиа“ и во партнерство со Народниот правобранител.
Целта е да ги запознае граѓаните. пред сè младите и жените, за надлежностите на институцијата Народен правобранител, да го зголеми присуството на Правобранителот во руралните подрачја и да ги промовира професионалноста, експертизата и транспарентноста на Канцеларијата на Народниот правобранител. – Театарската уметност може да послужи како алатка за поврзување на Народниот правобранител со обичните луѓе.
Користејќи театарски техники, како што се дијалогот, персонификацијата, сценското прикажување на различни примери и ситуации, претставувањето на обете страни (злоупотребувачот и злоупотребениот), публиката има можност да проследи сцени од секојдневието, разни сценарија што на прв поглед може да изгледаат безизлезни, но, со оглед на надлежностите на Правобранителот, тие сценарија на крајот ќе имаат среќна завршница, соопшти продукцијата.
Претставата е тријазична (македонски, албански и турски), постмодерна и со фрагментарна структура што прикажува различни ситуации во кои учествуваат различни личности. На крајот публиката ќе има можност да учествува во дискусија со Народниот правобранител. Влезот е бесплатен за посетители. Предвидено е „Хумана приказна” да гостува и во други градови во земјава.