Претседателските избори најверојатно ќе се одржат на 21 април, првиот круг, и 5 мај, вториот круг. Првично било предвидена првиот круг да се одржи на 14 април, но претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави денеска дека изборите ќе бидат пролонгирани поради велигденските празници.
-Ако првиот круг се одржи на 14 април, тогаш вториот круг ќе се совпадне со Велигден. Затоа размислуваме да ги поместиме изборите за седум дена. Со тоа се обезбедува можноста најдоцна до 8 февруари да се распишат изборите и така да се испочитува законската рамка – изјави Џафери.
Тој додаде дека во тој случај крајниот рок за инаугурација на новиот претседател ќе биде 12 мај, бидејќи на тој датум завршува мандатот на Ѓорге Иванов.
Џафери посочи дека заедно со претседателските избори ќе се одржат и локални избори во три општини во Македонија, каде во моментов функцијата градоначалник ја извршуваат вршители на должност. Претседателот на Собранието додаде дека е против предвремени парламентарни избори.