Откако станува се поизвесно дека на 8-мај 2024 година ќе се одржат заеднички парламентарни и претседателски избори, она што останува неизвесно е во какви предизборни коалиции ќе настапат политичките партии, како и со кои кандидати за пратеници и претседатели ќе истрчаат на двојните избори?
Како што пишуваше „Фокус“, поголем предизвик за власта од изборниот датум е одлуката дали да настапи со еден голем проевропски фронт меѓу СДСМ и нивните традиционални партнери (НСДП, ЛДП), ДУИ која патем треба да ги собере сите помали албански опозициски партии на Скендер Реџепи, Аријанит Хоџа, како и се уште неодлучната АА?
При една широка и мешана предизборна коалиција има опасност да бидат мета на националистичка кампања на опозицијата, меѓутоа на тој начин ќе се направи поделба на европски и антиевропски фронт. Плус, во ваква коалиција ќе се намалат анимозитетите меѓу албанските партии ДУИ и Алијанса за Албанците.
Имено, Али Ахмети е отворен за коалиција со Алијанса, меѓутоа Арбен Таравари е против. Неофицијално, тој е повеќе и за обединување со албанската опозиција, но против тоа е крилото на Зијадин Села, поради што се наметнува самостојниот настап како излезно решение, што би спречило евентуална поделба на партијата.
Доколку овие партии постигнат договор за формирање на еден предизборен блок, што ќе зависи од тоа што ќе покажат анкетите во однос на подготвеноста на Македонците и Албанците да гласаат за „своите“ партии кога се во сојуз во „другите“, тогаш упатените велат дека СДСМ ќе го исфрли лидерот и премиер Димитар Ковачевски за носител на пратеничката листа во првата изборна единица.
Тука тој ќе се соочи со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој не се тркаше за пратеник на претходните избори, кога настапи како шпицен-кандидат. Арно ама, подоцна тој истакна дека на следните избори сигурно ќе земе директно учество. Што се однесува до другите изборни единици, опозициската партија главно ќе настапи со лица од највисокото раководство.
Освен во „единицата“, СДСМ во една широка коалиција ќе ги предводи листите во третата и четвртата изборна единица, ДУИ преку Ахмети ќе биде носител во шестата изборна единица, додека АА ќе ја добие петтата изборна единица, каде листата најверојатно ќе ја предводи министерот за правда Кренар Лога.
Доколку некој од владејачките партнери направи проценка дека предизборна коалиција ќе им донесе повеќе штета отколку корист, тогаш „интегративците“ ќе се обидат да ја убедат Алијанса да формираат една поголема албанска коалиција. За таа цел, партиски извори велат дека има подготвеност да отстапат носител на листа во шестата тетовско-гостиварска ИЕ, која е најважна за Албанците.
Наспроти тоа, веќе јасно е дека на другата страна ќе има албанска опозиција составена од Беса, Алтернатива и ДД, така што во шестата ИЕ главниот збор би го имала Беса, чиј лидер Биљал Касами е градоначалник на Тетово. Останатите опозициски лидери – Африм Гаши и Изет Меџити, пак, треба да предводат листи во првата и втората ИЕ, каде влегува Скопје, од каде тие доаѓаат.
Единствено, овие сметки може да ги помати евентуалната одлука Меџити да влезе во трка за претседател. Извори од албанската опозиција велат дека го бараат најдобриот анти-дуи профил. Од таму посочуваат дека се уште не е одбран кандидатот, но додаваат дека може да биде и непартиски кадар, од типот на Руфи Османи, Џевдет Хајредини и сл.
Како што неодамна пишуваше неделникот „Фокус“, актуелниот претседател Стево Пендаровски моментално е фаворит да добие нова претседателска кандидатура. Владејачката СДСМ на анкета ги испитува и Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Зоран Заев, а според некои информации, и Бојан Маричиќ и Венко Филипче. Сепак, Пендаровски има најголем рејтинг.
Притоа, главното прашање е дали Пендаровски или некој друг избор на социјалдемократите би прифатил да влезе во трка ако бројките се неповолни? Според добро упатени извори, Пендаровски нема да влезе во однапред изгубена војна, а уште помалку тоа би го направил Спасовски, кој во таква ситуација би го чекал изборниот пораз за потоа да ја преземе лидерската палка во СДСМ, поддржан од Заев.
На анкетите на ВМРО-ДПМНЕ, пак, најдобро котирал кардиологот Сашко Кедев, но тој не е заинтересиран по вторпат да влезе во битка за шеф на државата. По него, најдобро рангирана е универзитетската професорка и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова.
Наа тој начин, таа повторно има најголеми шанси да биде кандидат за шеф на државата, иако долго време се говореше дека се токми за иден спикер на парламентот. Покрај неа, се испитуваат Антонијо Милошоски, Александар Спасеновски, Зоран Ставрески и др.
Најверојатно, во битка за претседател ќе се вклучат и Стевчо Јакимовски, Максим Димитриевски и други партиски лидери, кои изборите ќе ги искористат за промоција и факторизација, додека за Левица има информации дека може да настапи со академикот Љупчо Коцарев.
Изборите ќе се вкрстат на 8-ми мај, се прават анализи за можни коалиции!
Влатко Стојановски